Пратениците ја завршија расправата за измените на Законот за градење

И денеска пратениците во македонското Собрание со полни раце работа. Во рамки на продолжението на 75. седница се разгледаа и се изгласаа повеќе закони.

Пратениците расправаа по измените и дополнувањата на Законот за градење, во прво читање, кои, како што рече заменик-министерот за транспорт, врски и екологија Џељаљ Бајрами, се во насока на дополнителна контрола од аспект на  механичката отпорност, стабилност и сеизмичка заштита на градбите,. Тој посочи дека за градби наменети за индивидуално домување со бруто развиена површина до 300 метри квадратни нема да биде задолжително мислењето за изведениот степен на механичка отпорност, стабилност и сеизмичка заштита на градбата. 

Опозицијата обвини дека законот се менува по десетти пат и дека тоа ја покажува сериозноста на институцијата. Јани Макрадули од СДСМ истакна дека  ова е закон со цел да се блокира и да се спречи развојот на општина Центар и тендерите да ги прави Градот Скопје, додека неговиот сопартиец Благоја Стојановски рече дека основната забелешка е што голем дел од скопските општини се настојува да се стават под надлежност на Градот, а основната причина за тоа се изборните резултати во општина Центар.

Лилјана Затуровска од ВМРО-ДПМНЕ посочи дека опозицијата не ги истакнала позитивните одредби од предложените законски измени кои се однесуваат на барањето за сеизмичката стабилност. - Измените се сфатени погрешно. Нема ништо спорно во одредбите. Неточно е дека се против општина Центар, бидејќи во Скопје работат и другите општини. Намерата е да се овозможи да има еднаков третман  при поставување урбана опрема на кое било место во градот Скопје, односно архитектонски да биде избалансирано, рече Затуровска.

Пратеникот Влатко Ѓорчев потенцираше дека експанзијата на градежништвото придонесе да има раст БДП од 3,4 проценти во првите шест месеци: - Имаме цела низа скратување на процедури и работи констатирани од Светска банка и ММФ, а една од работите се и скратените процедури и овие измени што се предлагаат, истакна Ѓорчев.

Собранието расправаше и по измените и дополнувњата на Законот за заштита на детето во прво читање. Според предлагачот, измените се во насока на подобрување на финансиската состојба на самохраните родители корисници на право на посебен додаток за дете со специфични потреби. Потоа предвидува и подобрување на дејноста згрижување и воспитание на деца од предучилишта возраст во јавните детски градинки. Со предложените измени се воведува  полагање стручен испит за директори на установи за деца, стручни работници, стручни соработници, воспитувачи и негователи во установи за згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст, физички лица кои вршат одредени работи од дејноста згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст во сопствениот дом и во домот на родителите на детето, лица вработени во агенциите  за давање услуги за чување и нега на деца од предучилишна возраст, како и на лица кои  се заинтересирани да се вклучат во системот за згрижување и воспитување деца од предучилишна возраст. Тие треба да полагаат стручен испит заради  проверка  на  потребното стручно знаење за вршење работи од дејноста, со цел креирање на условите за поголема ефективност во вршење на оваа дејност.

Според Сузана Анова од ВМРО-ДПМНЕ, со лиценцирањето се подига нивото на оваа професија: -Важно е дали во годините додека работат тие можеби сториле некое дело со кое добиле забрана за вршење дејност. Тие работи треба во континуитет да се проверуваат и доставуваат, рече Анова.

Заменик-министерот Ибрахим Ибрахими потенцира дека Владата посветено работи за подобрување на предшколското образование на децата и оти лиценцирањето не е негирање на нивното образование.

 

06.11.2013 - 14:26

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа