Расчинетите свештеници причина за непосетата на г. Тимотеј на Австралија

 

Расчинетите свештеници и понатаму остануваат главен проблем за посетата на владиката Тимотеј на австралискиот континент. Незаинтересираноста на владиката Тимотеј, кој минатата година беше избран за координатор за црковните општини што не ја признаваат јуриздикција на владиката Петар, се зголемува. Тој не се одзва ниту на последната покана на Владо Трпчевски, претседателот на црковната општина во Мелбурн, за осветување на ново изградениот храм „Успение на Пресвета Богородица“, а досега неколку пати нагласи и дека се додека во тамошните цркви служат расчинети свештенеци, нема да се создадат услови да ги посети македонските црковни општини во Австралија.

За Прес24 потенцираше и дека здравствените проблеми ќе бидат пресудни за неговото патување за Австралија.

- Нема што да преговарам со претставниците на црковните општини. Одлуката е непроменлива. Не можам да служам со расчинети свештеници во најголемите македонски цркви во Австралија. Тоа не е прифатливо ниту за мене, ниту за МПЦ, како верска институција-додава г. Тимотеј.

Пред две недели владиката потенцираше дека ако тој не отиде во Австралија, не ја исклучува можноста на негово место да отиде некој друг.

Познато е дека никој од владиците во Синодот на МПЦ не сака јавно да коментира, ниту пак да дава какви било сугестии и решенија за проблемите во епархијата. Голем дел од великодостојниците во неофицијални разговори велат дека не сакаат да даваат коментари или да бидат дел од таа епархија, за да не се замерат со надлежниот администратор, владиката Петар.

Се уште останува отворено и прашањето околу сопственоста на имотите на црквите. Македонците во Австралија, кои не се согласуваат со г. Петар бараат конечно да се регистрира Македонска православна епархија како правно лице во Австралија, во согласност со Член 172 од Уставот на МПЦ и актуелните законски обврски на регистрираните Македонски православни општини во Австралија.

05.11.2013 - 23:12

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега