Македонија и Кина да ја интензивираат економската и културната соработка

Во Скопје денеска се одржа дебата на тема „Економската стратегија на НР Кина кон земјите на Централна и Источна Европа - можност за стратегиско партнерство со Република Македонија“. На средбата како што информира министерот за надворешни работи, Никола Попоски, било заклучено дека билатерални односи меѓу Македонија  и Кина никогаш не биле поинтензивни и поцврсти.

- Кина во 2012 година е седми најголем трговски партнер на Република Македонија, со размена која надминува половина милијарда долари, што е показател за нагорниот тренд во економските односи помеѓу двете земји, вели Попоски.

Добрите можности за инвестирање во Македонија, посочи Попоски, може да бидат дополнителен повод за настап и инвестиции од кинески компании во Македонија за што сме подготвени да дадеме и конкретна поддршка. Но, не смее да се запостави ниту присуството на македонски компании на кинескиот пазар, од аспект на извоз на производи како вино и тутун. Соработката во иднина има сериозен потенцијал да се продлабочува во туризмот, градежништвото, инфраструктурата, енергетиката, медицината, земјоделството, исто така и во културата, научното истражување и образованието.  

- Македонија е една од првите земји која од самиот почеток активно се посвети на изнаоѓање конкретни форми на реализација. Оттука договорено е искористување на кредитна линија преку кинеската Ексим банка за изградба на два значајни инфраструктурни проекти за автопатските делници Миладиновци-Штип и Кичево - Охрид, значаен дел од Коридорот 8, изјави Попоски.

Кинескиот амабсадор во Македонија Чуи Џивеи најави дека во ноември оваа година ќе се одржи вториот состанок на националните координатори на земјите од Варшавската иницијава. - Македонскиот премиер ќе присуствува и ќе оствари средба со кинескиот премиер, изјави Џувеи.

Кинескиот амбасадор побара олеснување на визниот режим за кинеските бизнисмени кои сакаат да дојдат во Македонија. - Многу кинески компании се жалат дека мора да чекаат многу време за виза за Македонија. И постои компаративно висок процент на одбивања за патници од Кина. Се чини дека е потешко да добијат македонска отколку шенген виза, вели кинескиот амбасадор. Додава дека постојат проблеми со транзитирањето преку аеродромите.  

Министерот без ресор задолжен за привлекување странски директни инвестиции Џери Наумоф посочи на поволните услови кои ги нуди Македонија за инвестирање во земјата и оти економска зона само за кинески компании ќе биде одлична можност каде што тие ќе можат да ги претстават своите производи во Европа и пошироко.

- Отворањето бизнис во Македонија има три важни предности и тоа нуди одлични олеснувања, квалитетна работна сила и одлична локација, изјави Наумоф.

05.11.2013 - 15:12
Фото: 
Лидер.мк

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега