Сарачини се сретна со претставници на Кластерот за текстил

Министерот за економија Ваљон Сарачини денеска се сретна со претставниците на Кластерот за текстил. На средбата се разговараше за недостигот на квалификувана работна сила и изнаоѓањето начини  за модернизација и автоматизација на текстилните компании.

- Ова беше втора од серијата средби што министерот за економија ја одржува со бизнисмените врз основа на проектот „Отворено со бизнисот“. На средбата беше заклучено дека текстилната индустрија е во пораст, има извоз, но се уште проблем претставува изнаоѓањето квалификувана работна сила и кредити, изјави по средбата државниот советник во Министерството за економија, Блерим Златку и додаде дека претставниците на текстилната гранка треба да работат на изнаоѓање начин за излез на нови пазари со производство на нови, иновативни производи.

Претседателката на Кластерот за текстил Маријана Перковска истакна дека на средбата со министерот Сарачини наишле на позитивни сигнали во делот на начинот на решавање еден од најголемите проблеми во текстилната индустрија, недостигот на работната сила: - Се надеваме дека тоа ќе се реши во рамките на образовниот систем при универзитетите. Тоа е еден од предусловите како нашата текстилна индустрија од лон-производство да премине во друго ниво на производство, рече Перковска.

Извршниот директор на Кластерот за текстил Наташа Сивевска рече дека се разговарало и за промоцијата на компаниите во странство.

- Министерството за економија веќе со години наназад има одредени програми кои се однесуваат на кластерско здружување. Министерот Сарачини најави дека во идниот период ќе се зголемат средствата наменети за овие програми. Ние како Кластер ќе аплицираме на повикот за поддршка на текстилните компании, рече Сивевска.

04.11.2013 - 14:35

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа