Судењето на Морси ќе продолжи во јануари
Судењето на претседателот на Египет Мохамед Морис ќе продолжи на 8 јануари 2014 година, соопшти судот во Каиро.
Процесот против Мохамед Морси и уште 14 лидери на Муслиманското братство почна денеска, но беше прекинат по два часа, бидејќи обвинетите почнаа да ги навредуваат судиите, а поранешниот претседател одби да ја облече затворска униформа.
Морси, кој во судницата беше доведен со хеликоптер, влезе во судницата во костум. Според египетските закони, обвинетите во суд треба да бидат облечени во затворска униформа.
- Јас сум легален претседател и инсистирам Судот да ја прекине оваа фарса, изјави Морси пред Судот, а другите обвинети извикуваа „Долу воениот режим!“.
Морси е обвинет за поттикнување на убиства на демонстранти, кои протестираа против неговото владеење. Тој е првиот демократски избран шеф на државата во историјата на Египет. Властите го чуваат во притвор на тајно место, а денешното појавување пред суд бише негово прво излегување во јавност откако е уапсен.
Морси и уште 14 лица се товарат дека ги поттикнале убиствата на седуммина демонстранти, кои на 5 декември минатата година протестирале пред претседателската резиденција. Доколку бидат прогласени за виновни, тие можат да бидат осудени на смрт или на доживотен затвор.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа