Воена вежба на НАТО во Полска

 

Во Полска и балтичките земји денеска почна воената вежба на НАТО „Стедфаст џез 2013“ во која до 9 ноември околу 6.000 војници од воениот сојуз ќе ја проверуваат способноста на Алијансата за колективна одбрана на нападната членка.

Во маневрите учествуваат војници од 25 земји, а покрај членките на НАТО, учествуваат и војници од Финска, Шведска и Украина, а главниот дел се одвива во Полска и Литванија.

Воените вежби се замислени како тест за подготвеноста на НАТО колективно да одбрани напад на своја членка, според членот пет од Вашингтонскиот договор и првпат се одвиваат во регионот на границата со Русија и Белорусија.

Според сценариото на „Стедфаст џез 2013 “ неименувана измислена држава надвор од НАТО анектира дел од територијата на Естонија, на што НАТО ги испраќа своите сили за брза реакција во ограничен оружен судир.

- Тоа сценарио не е насочено против ниту една конкретна држава, рече непосредно пред маневрите полскиот министер за одбрана Томаш Шемонијак и додаде дека на состанокот на НАТО-Русија пред една недела во Брисел биле разгледани и објаснети на Москва детално сите аспекти на вежбата.

Цел на маневрите е, исто така, да покаже дали НАТО и во времето по мисијата во Авганистан, на која се гледаше како на најдобра вежба и во време на кастрење на воените буџети ќе биде способна за воена операција во која се вклучени сите сегменти - и воена морнарица, воздухопловство, противвоздушна одбрана и механизирани единици.

Полска како главен домаќин на вежбата учествува со 3.000 војници, 300 армиски возила, 30 авиони и хеликоптери и 10 бродови.

02.11.2013 - 13:07

најчитано сега