Тодоров: Ќе останеме посветени на унапредување на состојбите во Здравствениот дом во Вевчани

Министерот за здравство Никола Тодоров кој денеска присуствуваше на свеченоста по повод одбележувањето 50 години од отпочнувањето на рендгенската служба и десет години вршење мамографски услуги во Здравствениот дом во Вевчани истакна дека Министерството за здравство инвестира во унапредувањето на состојбите на Здравствените домови.

- Како Министерство за здравство инвестиравме околу 3 милиони денари, инвестиција којашто се надополнува на претходната што ја имавме во изградба на настрешница, реконструкција на врати, на еден дел на прозорци и на внатрешноста на Здравствениот дом, изјави министерот Тодоров.

На новинарско прашање каков е ставот на Министерството за здравство во однос на изјавата на градоначалникот на Општина Струга Зијадин Села дека е против жителите од околните села да се лекуваат во Вевчани и негов предлог е тие да се лекуваат во Струга или да се отвори Здравствен дом во Лабуништа, Тодоров одговори дека постојат здравствени правила и постулати кои треба да се следат. - Во Вевчани имаме стабилна здравствена институција којашто е подготвена да дава здравствени услуги на целиот овој регион. Тоа го прави постојано и на многу добар начин. Добро се опремени, добро екипирани и имаме можност за 24-часовна здравствена заштита. Функционира Брзата помош, опремена е со амбулантни возила, има мамограф, рендгенологија, така што не гледама причина за цепкање на здравството. Тоа носи повеќе трошоци и намалување на квалитетот на здравствената услуга. Тоа не е правило коешто јас го измислувам, туку постулат кој постои во сите развиени земји, појасни Тодоров.

И градоначалникот на Општина Вевчани Цветомир Угриноски, потврди дека со заложбите овој Здравствен дом овозможува квалитетни услуги за пациентите од дримколскиот крај.

- Овој ден е голем зашто се одбележуваат 50 години од отпочнувањето на рендгенската служба во вевчани која во Македонија беше четврта или петта отворена. Здравствениот дом го покрива целиот дримколски регион односно десеттина населени места со над 25 илјади жители. Има поддршка и од Локалната самоуправа и од Министерствот за здравство, која ќе продолжи и во иднина, истакна Угриноски.

01.11.2013 - 15:20

најчитано сега