Ристовски: Ќе продолжиме со изградба на нови спортски сали и реконструкција на училишта низ Македонија

Министерот за образование и наука Спиро Ристовски денеска одговарајќи на новинарско прашање истакна дека во изминатите неколку години во Македонија се изградени 41 основно училиште, а во тек е изградба на уште четири основни училишта, изградени се три, а во градба се уште три средни училишта, со што јасно се гледаат заложбите на Владата за образованието.

Ристовски потенцира дека Струга била и останува во приоритетите за инвестирање. Информира дека се планирани повеќе активности кои зависат од донесувањето на буџетот за 2014 година. - За 2014 година планирана е целосна санација на основното училиште во село Лабуништа и реконструкција на прозорците. Планирана е  рексонструкција на подрачното основното училиште во село Боровец, каде ќе се променат подови, прозорци и покривот. Ќе се реновира основното училиште во село Мислешево, поточно промена на покрив, фасада, под и санитарии. Обезбедени се средства за реконструкција на средното училиште „Д-р Ибрахим Темо“, рече Ристовски.  

Исто така министерот Ристовски потенцираше и дека ќе продолжат реконструкциите на училиштат како и изградбата на нови спортски сали.

Нови спортски сали ќе има во село Лабуништа и во село Подгорци, каде треба да се решат имотно-правни проблеми. Во средното училиште „Нико Нестор“ во Струга се чека одобрение за градба од општината. Во 2014 година предвидена е комплетна санација на спортското игралиште во село Октиси.

Одговарајќи му на пратеникот Ердоган Сарач за наставата на турски јазик, Ристовски истакна дека образованието во Македонија е бесплатно и задолжително за сите граѓани. Потсети дека пред неколку години со закон е утврдено правото на избор на ученикот за тоа на кој јазик ќе ја слуша наставата. 

- Како ресорно министерство во континуитет ги охрабруваме сите припадници на заедниците во Република Македонија да си изберат на кој јазик ќе ја слушаат наставата. Како министерство и во следниот период ќе и дадеме целосна поддршка на турската заедница во Македонија да ја следи наставата на својот мајчин јазик, рече Ристовски.

31.10.2013 - 13:57
Фото: 
Нетпрес

најчитано сега