Вишеградска група: Почеток на преговорите и паралелно решавање на името

Министерот за надворешни работи Никола Попоски информираше дека клучната порака од денешниот министерски состанок во Будимпешта на земјите од Вишеградската група и Западен Балкан е дека е потребно на Република Македонија да и се овозможи почеток на преговори и билатералниот спор да се решава паралелно со процесот на преговарање за членство во ЕУ бидејќи веќе повеќе години ги има исполнето потребните критериуми.

Централна тема на состанокот е евроинтеграцијата на земјите од Балканот - предизвиците на патот кон ЕУ, трансформативната моќ на евроинтеграцијата, како позитивно да се влијае на процесот на проширување во ЕУ итн. 

- Имавме доста отворен дијалог со членките на Вишеградската група - Полска, Чешка, Словачка под унгарско претседателство. Нивната цел е да го поддржат процесот на проширување кој очигледно го нема нивото на ентузијазам, што го имаше при претходните проширувања бидејќи некои од клучните проблеми особено во економскиот дел ги преокупираат земјите-членки на ЕУ. Тоа што е значајно за нас е дека овие четири земји заедно со Австрија, која беше дел од овој состанок, се силни поддржувачи на овој процес, рече шефот на дипломатијата.

Попоски потсети дека од страна на Европската комисија беше нагласено дека постојат очекувања по петтата најсилна препорака за почеток на преговорите конечно земјите-членки да дејствуваат и да и се овозможи на Република Македонија да ги почне преговорите. Според Попоски постои и ниво на резерва за тоа колку Грција е воопшто расположена да има конструктивна улога во еден таков процес и вели тоа што впрочем беше комуницирано од страна на нашиот јужен сосед во повеќе наврати оди во правец на тоа дека не би сакале да има никакво придвижување и дека би се потрудиле да нема никаков напредок во поглед на почеток на преговорите.

- За нас е важно да се фокусираме на сите оние реформи кои се значајни за граѓаните на Република Македонија. Во тој контекст веќе сме посветени со посебен фокус на сите реформи кои се дел од пристапниот дијалог на високо ниво, форма која што Европската комисија ја промовира за да и овозможи на Република Македонија  континуиран напредок и во услови на блокада од страна на Република Грција, истакна Попоски.

Шефот на македонската дипломатија во Будимпешта попладнево ќе учествува и на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на ЦЕИ, во организација на Унгарското претседателство со оваа иницијатива, на тема „Мисијата на ЦЕИ во предвечерјето на 25 годишнината“.

- Унгарија воедно претседава и со Централноевропската иницијатива (ЦЕИ). Тука ќе имаме една поширока дискусија за регионалната соработка на сите земји кои опфаќаат од Бугарија до Украина преку Централноевропските земји. Ќе имаме, исто така можности за билатерални и неформални средби со повеќе колеги од земјите од регионот. Тука е вклучена и Италија како крупен регионален играч, така што во овој контекст најмногу ќе разговараме за тоа како може ЦЕИ да биде мост помеѓу европските интеграции и сите оние проекти кои се одвиваат, рече министерот Попоски.

 

31.10.2013 - 13:34
Фото: 
либертас.мк

најчитано сега