Турција отвара железнички тунел што ќе ги спои азискиот и европскиот дел на Истанбул

Турција денеска отвара железнички тунел што ќе ги спои азискиот и европскиот дел на Истанбул.

Овој проект чини три милијарди евра. Тунелот е долг 13,6 километри и тоа 60 метри под морското дно. Инаугурацијата на амбициозниот проект се совпаѓа со 90-годишнината од основањето на модерна Турција, што се одбележува денеска.  

Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган, поранешен градоначалник на Истанбул, го „оживеа“ планот во 2004 година како еден од неговите мега градежни проекти за градот со 16 милиони жители.

Изградбата на тунелот, означен како „проект на столетието“ на Владата на Ердоган, почна во 2004 година, но потоа е одложена поради поголемиот број археолошки откритија.

Сепак, изградбата на тунелот повторно е продолжена, а тој денеска ќе биде и отворен. Неговиот капацитет е 150.000 патници во еден час.

Првпат идејата за железнички тунел под Босфорот, се појавила пред 153 години за време на османскиот султан Абдул Меџид.

29.10.2013 - 09:30