Нова услуга од Македонски телеком

Македонски телеком денеска промовираше нови пакети за достапен и појбрз интернет. Со новите услуги интернетот станува достапен за секого, а се зголемува и интернет брзината на 1 гигабит во секунда.

Со новата услуга „Интернет по потреба“ корисниците имаат можност да користат интернет само во оние денови кога ќе имаат потреба од интернет. Услугата се активира веднаш, без инсталација на дополнителна опрема и без склучување на договор. Плаќањето ќе биде само за деновите во кои лицето го користел интернетот. Отсега и секој што е корисник на T-Home, а нема интернет, ќе може да ги активира новите пакети „Интернет по потреба“ преку интернет страницата за активација.

Покрај ова, со новата услуга Optic Giga за првпат корисниците добиваат интернет брзина до 1 гигабит во секунда. Со неа, преземањето на податоци од интернет е до сто пат побрзо, односно видео содржината, наместо за дваесет минути како досега, ќе може да се преземе за помалку од една минута.

Третата новина што ја нуди Македонски телеком насловена како „Интернет промо“ нуди бесплатен интернет два месеца за секој корисник. По истекот на овој период, корисникот доколку е задоволен од услугата, ќе може да се претплати на некоја од пакетите што ги нуди компанијата, а доколку не сака, неговата услуга ќе биде деактивирана без надоместок. Услугата се активира бесплатно на 122 или во која било телеком продавница и важи за сите пруватни и деловни корисници.

- Сето ова е резултат на вложувањето во новите технологии, како што е оптика до домот, миграцијата на класичната телефонија во all-IP и стратегијата на Македонски телеком да овозможи портфоли кое ќе ги опфати различните барања на сите корисници, истакна денеска на прес-конференција Димитар Ковачевски, директор за комуникации во Македонски телеком

28.10.2013 - 13:59

најчитано сега