СДСМ: Мора да има собраниска дебата за презумпцијата на невиност

Пратеничката група на СДСМ денеска од претседателот на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците Илија Китановски побара да закаже надзорна расправа на тема „Анализа за почитување на уставно загарантираното право на презумпција на невиност, наодите на злоупотреба на притворот, загрозување на слободата на изразување и медиумските слободи и правото на изразување јавне протест во Република Македонија“.

На седницата на Комисијата пратеничката Весна Бендевска побара надзорната расправа да биде закажена согласно Деловникот на Собранието.

Китановски појасни дека предлогот на Бендевска, согласно Деловникот, треба да биде ставен на гласање на следната седница на ова тело, и во рок од десет дена да биде закажано одржување на надзорната расправа. Следната седница на Комисијата за политички систем е закажана утре и на дневен ред е јавна расправа за Предлог-законот за медијација, па затоа Китановски, како што рече во текот на оваа недела ќе закаже уште една седница за пратениците да се изјаснат за предлогот за надзорна расправа.

Со ова Бендевска не се согласи нагласувајќи дека доколку го стори тоа, Китановски ќе го прекрши Деловникот.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Комисијата рече дека сепак ќе ги консултира стручните служби и укажа дека би било невообичаено предлогот да биде прва точка на утрешната седница за кога е закажана јавна расправа со поканети гости од надвор.

- Доколку не биде поддржан нашиот предлог, ние како опозиција имаме право со поддршка од 15 пратеници да доставиме барање за надзорна расправа, а тоа секако ќе го направиме и надзорна расправа ќе има, изјави пратеничката на СДСМ Бендевска.

Минатата недела претседателот на Собранието го врати барањето на СДСМ за ставање на дневен ред на Информација за презумпцијата на невиност, со образложение дека насловот е навредлив и со укажување до пратениците дека треба да се побара надзорна расправа, опозициската партија го модификува и дополни барањето. Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците денеска расправа за Извештајот за напредокот на земјата на ЕК. Пратениците од владејачкото мнозинство и опозицијата со различен став за оценките во Извештајот и за прикажувањето на реалната состојба во него

28.10.2013 - 12:59

најчитано сега