Нов обид за пеглање на односите Белград-Приштина пред изборите во Косово

Во среда делегациите на Србија и Косово преку посредство со Европската унија во Брисел ќе се обидат да ги испеглаат сите нерешени прашања што се однесува во врска со престојните локални избори во новонастанатата држава. Според српскиот печат останува уште само една недела до локалните избори на Косово кои се закажани за 3 ноември.    

– Споровите се уште траат околу изгледот на гласачките ливчиња, непрочистените избирачки списоци кои се преполни со имиња на починати, учеството на Србите во работата на Централната изборна комисија, но и блокадата за посета на српски официјални лица во Косово, наведува весникот.

Српската делегација ќе ја предводи Марко Ѓуриќ, советник на претседателот Томислав Николиќ. Тој ги нарече провокација заканите од Приштина за апсење на министерот без портфељ задолжен за Косово Александар Вулин доколку сака да влезе во Косово.

– Целта на тие закани е да се спречат Србите да излезат да гласаат на локалните избори, наведе тој. Вулин за весникот вели дека Приштина не бира начини за да предизвика бојкот на изборите.

28.10.2013 - 09:22