Стартуваше акцијата за чистење на Усјанскиот канал во Лисиче

Денеска стартуваше акцијата за чистење на Усјанскиот канал во скопската населба Лисиче, кој е долг 3.610 метри. Почетокот на акциијата го означија градоначалниците на Град Скопје и на Аеродром, Коце Трајановски и Ивица Коневски. 

- Чистењето на каналите е во надлежност на Град Скопје. За таа цел Град Скопје со механизација на ЈП „Улици и патишта“ почнува со чистење на каналот. Комплетно ќе го исчистиме каналот со оваа акција, а продолжуваме истовремено и во општина Кисела Вода, од булеварот „Србија“ до пругата или во населбата Градинар, рече Трајановски.

Тој најави дека од следната година ќе има луѓе кои ќе бидат задолжени за чистење на каналот.

Скопскиот градоначалник потенцираше дека е многу важно да се спречи испуштањето на фекалии и други нечистотии во Усјанскиот канал од фирмите што се наоѓаат во овој дел од општината, но и од граѓаните.

- Од понеделник ќе излеземе на терен заедно со Министерството за животна средина и просторно планирање. Прво треба да се види што се испушта, дали е дозволено и дали го загадува Усјанскиот канал. По искажувањата на граѓаните на Аеродром и на Кисела Вода и на нашите инспекциски служби, мислам дека има материи кои не треба да се испуштаат во Усјанкиот канал, рече Трајановски.

Градоначалникот на Аеродром Коневски посочи дека се работи за акција на Град Скопје, заедно со инспекциските служби на Аеродром и Кисела Вода и на МЖСПП.

- Очекувам да биде решен проблемот со Усјанскиот канал, кој долги години ги тишти граѓаните и да се пронајдат сите загадувачи на овој канал. Акцијата ќе заврши за околу 30 дена, додаде Коневски.

27.10.2013 - 13:55
Фото: 
МИА

најчитано сега