Умре човекот кој го измисли донер-ќебапот

Турскиот угостител Кадир Нурман, кој го измисли донер-ќебапот, почина во Берлин на 80-годишна возраст.
 
Нурман во 1972 година, во својата берлинска гостилница, почна да продава месо на скара, со салата, а сето тоа ставено во превиткан леб.
 
Комбинацијата од  сочно испечено месо, исецкано од големата скара која постојано се врти и дополнето со разни сосови, веднаш стана најпознатата брзо направена храна во тогаш поделениот Берлин, но и во Германија и насекаде низ Европа, каде имаше турски имигранти.
 
Берлинци брзо го прифатија донер-ќебапот, кога Нурман им го понуди како јадење кое лесно може да го понесат со себе и да го јадат каде сакаат.
 
Придонесот на досетливиот Нурман во 2011 година беше признаено и од Асоцијацијата на турски производители на донер. Тој, меѓутоа, го нема патентирано својот изум од пред повеќе од 40 години за да може да повлече за себе авториски права.
 
Во едно интервју за германските медиуми Нурман, кој во 1960 година  емигрираше во тогашна Западна Германија,  изјави дека, сепак, е задоволон што толку многу луѓе го прифатија неговиот рецепт и што тој им помогна на илјадници турски имигранти и угостители да успеат во бизнисот, правејќи донер-ќебап.
 
Според Асоцијацијата на производители, само во Германија има 16 илјади продавници за донер, од кои повеќе од една илјада се во Берлин.
 
Германските капацитети кои обезбедуваат месо за изработка на донер-ќебап и ги произведуваат машните за овој вид скара, покриваат дури 80 отсто од потребите на пазарот во ЕУ.
МИА
27.10.2013 - 13:07

најчитано сега