Истражување: За две и пол години, државните институции купиле 392 возила, најмногу на тендери со еден понудувач
Во последните две и пол години државните институции набавиле вкупно 392 нови патнички возила за што потрошиле 8,1 милиони евра, покажуваат податоците од истражувањето и базата на податоци што денеска ги објави Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).
-Една четвртина од набавените нови возила се поскапи од 30.000 евра. Најмногу нови возила набавила владината Служба за општи и заеднички работи, 46 „пасати“ по 39.000 евра секој. Сепак, најскапото возило го купило Општина Струга и чинело 66 илјади евра. Средната вредност на возилата купени од државните институции изнесува 17 илјади евра, покажуваат податоците.
ЦГК наведува дека меѓу марките возила убедливо водат „Шкода“ и „Фолксваген“ од кои се купени 100, односно 88 нови возила, односно скоро половина од сите новонабавени возила се од овие две марки. Кај „Фолксваген“ води моделот „Пасат“ со 53 возила, додека половина од набавените возила од марката „Шкода“ се од моделот “Октавија“.
Од фирмите, најголема вредност на договорите имаат „Порше лизинг“ со три милиони евра, кумановската „Делукс-ауто“ со 1,2 милиони евра, „Еуроимпекс“ со 890 илјади евра и битолската „Јосифов“ со 720 илјади евра.
-Конкуренцијата на тендерите за набавка на нови возила речиси и да не постоела. Дури на 71 отсто од тендерите имало само по една понуда и покрај големиот број дистрибутери на нови возила во земјава. Ова го отвора сомнежот дека државните институции доминантно си купувале такво возило какво што сакале, наведува ЦГК.
Центарот за граѓански комуникации наведува дека истражувањето е реализирано во рамки на активноста Јавно трошење за јавно добро, поддржана од Проектот на УСАИД за граѓанско учество, со цел зголемување на ефективноста на јавното трошење преку намалување на корупцијата и зголемување на транспарентноста.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа