Нимиц: Ништо од преговорите

Без напредок заврши средбата во Њујорк меѓу претставниците на Македонија и Грција и амбасодорот Метју Нимиц за спорот за името.

На прес-конференција Нимиц кажа дека се разговарало за неговите предлог идеи од април оваа година, но оти има сериозни разлики меѓу двете страни. Наведе дека се уште не решил кои ќе бидат неговите следни чекори.

- Темелно разговаравме за мојата посета на регионот, да ги видиме кои се ставовивте во врска со ова прашање и можностите за постигнување решенија. Имавме доста отворена дискусија но неможам да кажам дека е постигнат договор. Имаме добри идеи на масата, но се уште има сериозни разлики меѓу двете страни и тоа не го негирам, изјави амбасадорот Нимиц.

На новинарски прашања за тоа дали неговиот предлог од април сеуште е основа за разговорите имајќи предвид дека грчките власти не го спомнуваат во своите јавни настапи и зборуваат за нивната формула ерга омнес Нимиц потврди дека при посетата на Атина Грција  имала повеќе забелешки во врска со неговиот предлог, а рече и дека македонските власти исто така имале свои забелешки.

- Едно од прашањата е опсегот во кој би се користело името, доколку претпоставиме имаме име за кое двете страни би се согласиле, тогаш треба да видиме и каде би се употребувало. Тоа што двете страни имаат силно изразени мислења за мојот предлог не значи дека во целост  ќе го заборавиме, изјави Нимиц кој единствен зборуваше на прес-конференцијата по средбата со амбасадорот Зоран Јолевски и грчкиот дипломат Адамантиос Василакис.

Амбасадорот Нимиц истакна дека на средбата се разгледувал и македонскиот предлог за организирање средба на високо ниво меѓу двете земји како на пример на ниво на премиерите Никола Груевски и Андонис Самарас.

Нимиц рече дека идеите за нови форуми за разговори секогаш се на маса и оти секогаш има можност за иницијатива за билатерални средби. Сепак Грција веќе подолго време го одбива овој македонски предлог.

Во своите коментари Нимиц се осврна и на пресудата на Меѓународниот суд на правдата кој во 2011 година пресуди дека Грција ја прекршила Времената спогодба кога го блокираше македонското членство во НАТО. Нимиц рече дека како претставник на ОН смета дека овие пресуди мора да се почитуваат но тој воедно подвлече дека ЕУ и НАТО носат одлуки согласно своите правила и на нив е да решат како да постапат.

Нимиц додаде дека во моментов нема планови за идните негови чекори, дали ќе свика нова средба во Њујорк или ќе ги посети Македонија и Грција. Тој со денешната прес-конфернција ја заврши оваа рунда разговори во рамките на која вчера имаше по двочасовни средби со Јолевски и со Василакис, а денес тројцата одржаа заедничка средба во зградата на Обединетите нации

25.10.2013 - 18:59

најчитано сега