Едукативно предавање за дијабетис во Куманово

Во општата болница во Куманово беше оддржано едукативно предавање за членовите „Како да се справиме со шеќерна болест и компликации-Улогата на пациентот“ во организација на здружението на граѓани заболени од дијабетис.

Едукативните предавања, како што информираат од Здружението се само дел од активностите што ги реализираат во текот на годината.

- Токму на ваквите предавања, членовите се едуцираат и имаат можност да поставуваат прашања на специјалисти за лекувањето и воопшто за начинот на живеење со болеста, изјави претседателот на кумановското здружение Драган Гачевиќ.

Во Македонија има околу 150 илјади лица заболени од дијабетес, а од нив 40 илјади се на инсулинска терапија.

- Во Кумановско, односно во селатата од овој регион одржавме предавање и успеавме да извршиме испитувања на околу петстотини лица од повеќе села. Утврдивме дека 6,5 отсто од испитаните имаат покачено ниво на шеќер. Наша цел како Здружение на ниво на државата е токму подигање на свеста кај населението за опасностите од оваа болест која бележи зголемување на светско и национално ниво, истакна доктор Аврам Ванковски, претседател на Здружението на заболени од дијабетес на Македонија.

Доктор Снежана Макреска од Центарот за дијабетес Куманово информира дека во општината има регистрирано околу пет илјади лица заболени од дијабетес.

25.10.2013 - 16:43

најчитано сега