Изградба на патиштата Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид пред пратениците

Во Собранието денеска на 74. седница пратениците расправаат по  Предлог законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на автопат Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид.

Изградбата на новите патишта на овие делници треба да се реализира со поволен кредит преку кинеската Ексим банка, со рок на отплата од 20 години, пет години грејс период и каматна стапка од 2 процентни поени.

Првиот автопат што ќе се гради на релацијата Скопје-Свети Николе-Штип ќе чини 206 милиони евра,  а автопатот Кичево-Охрид 374 милиони евра. Во договорт има и одредба со која се предвидени десет проценти за дополнителни непредвидени работи.

Автопатот Скопје-Штип ќе биде во должина од 53 километри со широчина од 29 метри, односно ќе има по две коловозни ленти од двете страни и една дополнителна лента за застанување. Рокот за изградба на таа автопатска делница е три години. Автопатот Кичево-Охрид, пак, во должина од 56,7 километри, ширина од 27,5 метри, треба да биде изграден за 45 месеци. 

Проектот  ќе биде финансиран 10 проценти со пари од македонската Влада, 90 проценти преку исклучително поволен кредит од страна на кинеската Ексим банка.

 Овие патишта ќе овозможат полесно поврзување на целата држава и пред се полесно патување на гражаните до центарот на градот и до главните туристички центри пред се до Охрид и се што значи поврзана индустрија со оваа автопатна инфраструктура.

Главниот изведувач на градежните работи ќе биде должен да ангажира подизведувачи од Македонија за најмалку 49 проценти од предвидените работи, а исто така и да набави најмалку 49 проценти градежни материјали од Македонија. Изведувачот и подизведувачот во тек на изградбата треба да ангажираат минимум 51 процент македонски државјани.

Пратениците од опозицијата иако генерално дадоа поддршка за предлог законите кои треба да ја овозможат изградбата на овие патишта, сепак, забележаа дека цената на изградба на километар автопат е повисока отколку во одредени земји, дека има и други непланирани и неприкажани трошоци,  како и оти има многу поволности дадени за компаниите кои ќе ги градат.

Јани Макрадули од СДСМ смета дека е добро што после, како што рече, седум години владеење се донела одлука да се градат патишта, но стравува дека и тие ќе се искористат за нечиво незаконско богатење.

Напомена дека многу пониски цени по километар пат и во полоши теренски услови успеала да постигне Хрватска, Србија... отколку, како што посочи, Македонија.

- Два милиона евра се потрошени за експропријација на земјиште на длницата Миладиновци – Штип, а за Кичево – Охрид се планира да бидат потрошени 4 милиони евра. За надзор за Миладиновци – Штип се планираат 10 милиони евра, за Кичево – Охрид 15 милиони евра. Ако сакате уште суми ќе ви кажеме, овој процес е транспарентен, самиот договор ви е даден во прилог, истакна министерот за транспорт Миле Јанакиески реплицирајќи му на пратеникот Макрадули.

Според Јанакиески, не може да се каже дека е висока цената на километар автопа во Македонија, која изнесува 4,4 милиони евра, ако се знае, како што истакна, оти просечната изградба на километар пат на ниво на ЕУ  е 10 милиони евра. Во врска со автопатот во Србија, тој појасни дека таму  за 140 километри се потрошени 642 милиони евра.

- Во нашиот договор се предвидува 10 отсто дополнителни работи и затоа заврши на 226 милиони евра за Миладиновци – Штип, или 411 за Кичево – Охрид. Не смее договорот да ги надмине овие суми, рече министерот Јанакиески.

Пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ смета дека изградбата на овие автопатишта се огромен чекор напред за државата. Затоа, рече, опозицијата се обидува да ги девалвира, иако цело време претходно истакнува дека во Македонија треба да се градат автопатишта.

25.10.2013 - 14:46