Веаљноски: Аманетот на ВМРО и битките што заедно треба да ги водиме

Идеалот на ВМРО е најсилниот македонски идеал!
Тој мотивира!
Поттикнува!
Опоменува!
Сведочи!
Во овој идеал е вгнездена целокупната суштина на нашето постоење и делување како личности, но и како народ кој има библиска традиција.
ВМРО е почетокот и крајот на сé поврзано со Македонија и со Македонците.

Тој идеал, издигнувајќи се над времето, над годините и над вековите стана универзална константа која подеднакво го дефинира и нашето минато.
И нашата сегашност.
И нашата иднина.
ВМРО ја определува вредноста на сé што е национално.
На сé што е исконско!
На сé што е македонско!
На сé што било и ќе биде!
Кога ќе се спомене ВМРО, подеднакво мислиме и на 19-иот и на 20-иот и на 21-от век.
Подеднакво се сеќаваме и на Илинденското востание.
И на АСНОМ!
И на 8 септември 91-та!
Со иста емоција ги славиме делата и на комитите! И на партизаните. И на комунистите. И на антикомунистите.
Накратко! Кога ќе се спомене ВМРО се мисли на сите родољубиви Македонци, како и на нивните херојски подвизи кои со својата жртва се вгнездиле во алеата на великаните на нашата Татковина!

Почитувани,
Денеска славиме 120 години ВМРО и со особен пиетет укажуваме дека ВМРО го надмина времето, станувајќи неодминлив дел од сите наши национални премрежија.
ВМРО ги надмина генерациите, истовремено станувајќи составен елемент од битките на илјадници борци за независна и самостојна Македонија низ годините до денес, но и во иднина.
ВМРО ќе нé надмине и нас, давајќи им идеолошка и вредносна смисла на сите следни македонски борби во времињата што доаѓаат.
ВМРО ќе надмине сé освен Македонија!
ВМРО ќе победи се’ освен нас Македонците!
ВМРО ќе прости сé освен националното предавство кон Татковината!
Доказ за ова е и секогаш актуелното значење на паролата под која се бореа генерации Македонци.
Зборовите „СЛОБОДА ИЛИ СМРТ“ значат бескомпромисност во борбата за НЕЗАВИСНА ТАТКОВИНА.
Овој слоган значи и желба за подобро утре кое ќе дојде после ИЗВОЈУВАНАТА ПОБЕДА.
Конечно, ваквите зборови се и порака до сите непријатели дека МАКЕДОНСКИТЕ ИДЕАЛИ НЕ СЕ, НИТУ НЕКОГАШ ЌЕ БИДАТ ПРЕДМЕТ НА ТРГОВИЈА ИЛИ КОМПРОМИС.
Идејата која стои зад четирите свети букви не остава можност за калкулација.
Идејата која со себе ја носи ВМРО ни го покажува единствениот исправен пат.

Тој пат е ТРНОВИТ!
Тој пат е ТЕСЕН!
И на тој пат ќе се соочуваме со безброј ТЕШКИ ДЕЛНИЦИ!
Меѓутоа, друг пат ЕДНОСТАВНО за нас Македонците не постои.
Овој пат мораме да го изодиме, но до крај! До последниот милиметар.
Тоа е единствениот пат на успехот кој е еквивалент на вечноста!
За Македонија друга вредносна идеја наспроти идејата на ВМРО - Н Е М А!
ВМРО беше НАДЕЖТА за поробениот македонски народ за време на моќната Отоманска империја.
ВМРО беше СОНЦЕТО на крајот од мрачниот тунел на терор и закани помеѓу двете светски војни.
ВМРО беше ИДЕЈАТА од која црпеа сила генерации македонски патриоти за време на комунистичката власт после Втората светска војна.
ВМРО беше КОМПАСОТ кој нé водеше кога ја прогласивме независноста на македонската држава по распадот на Социјалистичка Југославија.
Конечно, денес, кога сме свои на своето, токму ВМРО Е ТУКА ДА НÉ ПОТСЕТИ ДЕКА НАШАТА СЛЕДНА ГОЛЕМА БИТКА Е РАЗВОЈОТ НА НАШАТА ТАТКОВИНА!

Драги пријатели,
Идеите кои ги произведува ВМРО се инклузивни!
Тие никого не делат! Напротив! Тие најсилно обединуваат!
Тие не познаваат ниту ексклузивна нација, ниту вера.
Единството на Македонија и заедништвото помеѓу сите е сржта на ВМРО.
Се радувам што, денес, македонскиот народ, со сето срце застана зад прославата на 23 октомври.
Затоа што 23 октомври е повик да си пружиме раце и да се ПОМОЛИМЕ за Македонија!
23 октомври значи и повик за надминување на политичките стереотипи кај дел од граѓаните.
23 октомври значи повик под знамето на Македонија да застанеме сите.
Како што во Музејот на ВМРО ги гледаме делата на сите минати славни личности иако се со различна идеолошка ориентација, така и денес имаме обврска заедно да ги извојуваме следните големи битки за нашата Татковина.
23 октомври е празник и за Албанците, и за Турците, и за Ромите, и за Србите, и за Власите, и за Бошњаците и за сите други - А НЕ САМО ЗА МАКЕДОНЦИТЕ.
И за СДСМ и другите партии, а не само за ВМРО-ДПМНЕ!
23 октомври е денот кој е симбол на сите демократски придобивки.
На желбата за соживот!
И на поривот за заедништво!

Почитувани пријатели,
Целата борба на Илинденците се отсликуваше во слоганот „УРА ЗА АВТОНОМНА МАКЕДОНИЈА“!
Во овој слоган можеме да ја осетиме и денес, решеноста и огромната саможртва на комитите и на војводите кои ги положија своите животи пред олтарот на Татковината.
Тие, нашите национални херои, чиј неизоставен дел се и партизаните, се бореа, не за нешто друго, туку ЗА МАКЕДОНИЈА!
Овие луѓе се откажаа од удобностите на животното секојдневие, не за нешто друго, туку за да ја ослободат земјата која се вика МАКЕДОНИЈА.
Генерациите што ги наследија, се судрија со новите окупатори, не за нешто друго, туку за - СОЗДАВАЊЕ НА МАКЕДОНСКАТА ДРЖАВА!
И нашата денешна борба почнува и завршува, не со нешто друго, ТУКУ ЕДИНСТВЕНО И САМО со зборот МАКЕДОНИЈА.
ВМРО е МАКЕДОНИЈА!
МАКЕДОНИЈА е ВМРО!
Ако е ова така, а така е, тогаш јавно прашувам КОЈ ИМА ПРАВО ДА СЕ ОТКАЖЕ ОД КРВТА НА ИЛИНДЕНЦИТЕ ИЛИ ОД КРВТА НА ПАРТИЗАНИТЕ КОИ ЗАГИНАА ЗА МАКЕДОНИЈА?!
Дали една личност која е избрана на некоја позиција, смее макар и да помисли дека за овој народ и за оваа држава постои друго име освен МАКЕДОНИЈА?!

Дали нема некој да го пече совеста заради солзите на македонските мајки кои подеднакво страдаа како и нивните синови-борци, АКО РАЗМИЛИ МАКАР И ЗА МИГ ДЕКА ПОСТОИ АЛТЕРНАТИВА НА ИМЕТО МАКЕДОНИЈА?
Кој е тој маж или жена, макар бил и лидер на партија, носител на некоја функција или обичен член што ќе рече дека треба да ја свиткаме кичмата или да го смениме името, а нема да помине неказнето од овој народ?
Кои се тие луѓе, почитувани присутни?
Со име и со презиме да кажеме за да одзвонуваат како тажен спомен низ вековите!
И да опоменуваат како не треба да се постапува кон оваа света земја!

Драги пријатели,
МАКЕДОНИЈА е зборот кој ги водеше борците за независна Македонија!
Тој збор нé води и нас во битките што ги носи ова време!
Македонија била и ќе биде единствено Македонија!
Македонскиот народ бил и ќе биде единствено токму тој - МАКЕДОНСКИ, како и нашиот јазик, култура и идентитет!
НЕМА ПОИНАКВО РЕШЕНИЕ!
НЕ ПОСТОИ ПОИНАКВА ОПЦИЈА!
Народот не му дал на никого мандат по белосветските метрополи да ветува промена на името!
Меѓутоа, народот ни дал мандат да работиме за македонските интереси.
На овој пат ќе бидеме уште поуспешни доколку сме единствени!
Оваа битка ќе ја извојуваме доколку, наместо во медиуми на други држави опозицијата да ја обвинува Македонија, пред македонските да даде поддршка на Владата во намерата за одбрана на името.
Оваа голема препрека ќе ја извојуваме, доколку наместо да ја кодошиме својата земја, ќе ја браниме заедно со луѓето кои сега тоа го прават!
МОРАМЕ ДА ГО НАПРАВИМЕ ТОЈ ЦИВИЛИЗАЦИСКИ ИСЧЕКОР!
МОРА ОПОЗИЦИЈАТА ДА РАЗБЕРЕ ДЕКА ПОСТОЈАТ БИТКИ КОИ МОРАМЕ ЗАЕДНО ДА ГИ ВОДИМЕ.
Одбраната на нашето уставно име и идентитет е токму таа битка.

ОД ОВАА ГОВОРНИЦА ПОДАВАМ РАКА!
ВЕ ПОВИКУВАМ ДА СВРТИТЕ НОВ ЛИСТ.
Ве повикувам наместо по белосветските метрополи да барате поддршка ветувајќи за возврат промена на името, да ја побарате поддршката од народот стоејќи заедно со нас во одбрана на името.
ДА ИМ ОСТАВИМЕ ПОЗИТИВЕН ПРИМЕР НА СЛЕДНИТЕ ГЕНЕРАЦИИ.
Да им покажеме како со единство и со соработка сме ги совладувале сите предизвици.
Да им покажеме дека не е ниту чудно, ниту невообичаено, власта и опозицијата да работат заедно, здружено, со сите сили, за доброто на Македонија. Исто онака како што и комунистите и антикомунистите за време на Втората светска војна се бореа за независна Македонија.
Дами и господа,
Цената што ја плаќаме заради непринципиелната и неевропска политика на Грција е голема, но сме издржале многу полошо како народ и како држава.
Имаме сила.
Ќе се бориме и ќе успееме.
До крај!
Ќе победиме!
Но, дотогаш треба стрпливо и стоечки да се соочуваме со искушенијата!
И да ги надминуваме!
И оваа година, како и минатите, Европската унија го достави својот извештај за напредокот на Македонија.
И оваа година, како и минатите, Унијата јасно кажа дека оваа држава има сила и капацитет да се носи со проблемите и дека треба да ги започнеме преговорите за членство.
МЕЃУТОА, И ДЕНЕС, КАКО И ВЧЕРА, ГРЦИЈА ПОВТОРНО ЌЕ СТАВИ ВЕТО!
И денес, како и вчера, нашиот јужен сосед повторно ќе ја искористи својата позиција за уште еднаш да нé блокира да не чекориме напред кон европското семејство на народите.
Меѓутоа, она што ниту Атина, ниту Брисел не можат да го направат Е ДА НÉ СПРЕЧАТ ДА РАБОТИМЕ ЗА ПОДОБРО УТРЕ.
Никој не може да нé спречи да ја реформираме државата.
Никој не може да нé спречи да ја подобриме економијата.
Никој, а најмалку Грција, може да нé спречи да го подобриме квалитетот на животот на нашите граѓани според рецептите на развиените држави членки на Европската унија.
Грција може бесконечно долго тоа да го прави, меѓутоа оваа генерација политички водачи ќе продолжи со уште пожестоко темпо да отвора нови работни места, да носи странски инвестиции, да гради патишта и пруги, да го развива туризмот, да го подобрува здравството и образованието и да дава уште повеќе субвенции за земјоделците!

Драги пријатели,
Наследството на славните илинденски и партизански чети и одреди, денес гордо го чува Армијата на Република Македонија.
Нашите војници, рамо до рамо со сојузничките војски предводени од Соединетите американски држави даваат активен придонес во промоцијата на светскиот мир и безбедност.
ДЕНЕС МАКЕДОНИЈА Е ИЗВОЗНИК НА МИР.
Денес нашата војска дава свој влог во етаблирањето на демократијата насекаде во светот.
Нашите војници како дел од војските на НАТО активно се борат за зачувување и за унапредување на ВРЕДНОСТИТЕ НА ЗАПАДНАТА ЕВРОПСКА ЦИВИЛИЗАЦИЈА.
Иако и во овој дел, во однос на членството во НАТО сме блокирани од страна на Грција, активно партиципираме во овие светски процеси.
Идеите на НАТО се комплементарни со идеите на ВМРО.
Слободата е заедничка вредност, исто како и демократијата, мирот и солидарноста.
На тој пат во насока на зачувување на овие вредности и во иднина ќе продолжиме да работиме.

Дами и господа,
Нашите национални водачи ни оставиле аманет дека на патот до националната цел мораме да продолжиме со градење на мостови на соработка.
Мораме да си простиме и да се здружиме за доброто на Македонија.
Како претседател на македонското собрание спремен сум, како во минатото, така денес, но и во иднина, заедно со сите колеги пратеници, уште посилно да работам на проектот за градење на Европска Македонија.
Собранието било и ќе биде арена во која ќе разменуваме идеи во духот на конструктивноста и демократичноста.
Собранието останува да биде институцијата во која доминираат заедничките вредности.
Под еден кров и во иднина треба да продолжиме да се бориме сите за една света цел кој произлегува од четирите свети букви на ВМРО.
И власта!
И опозицијата!
И Македонците, но и Албанците, Турците, Ромите, Бошњаците, Србите, Власите и сите други.
ВО ОСТВАРУВАЊЕТО НА ТАА ЦЕЛ НЕПРИЈАТЕЛИ НИ СЕ ЕДИНСТВЕНО ОНИЕ ШТО НЕ И МИСЛАТ ДОБРО НА МАКЕДОНИЈА.

Меѓутоа, нас, независно од нашите политички разлики, верувам дека нé обединува љубовта кон Македонија!
Онаа исконска и искрена љубов која со себе во најчистата форма ја носи овој ден посветен на ВМРО.
ЗАЕДНИЧКИ ДА ГО ПРОСЛАВИМЕ ДЕНОТ НА ВМРО. ЗАЕДНИЧКИ ДА ЈА ОДБЕЛЕЖИМЕ 120 ГОДИШНИНАТА на ВМРО.
Тоа е ден за сите нас. И од власта. И од опозицијата.
Ова е денот на помирувањето и на единството.
Ова е денот за сите кои и мислат добро на Македонија.
Заеднички да земеме пример од овие четири свети букви и постојано да се сеќаваме на големината на делото на борците за Македонија.
На тој пат, ако вака правиме, и Бог ќе ни помогне и ќе ни даде сила.

Да сте живи и здрави.

Нека е вечен споменот на ВМРО.

Нека ни е честит 23 Октомври!

Да живее Македонија!

 

Ви благодарам.

(Интегрален текст од говорот на Претседателот на Собранието трјако Вељаноски на свечената академија по повод прославата на Денот на македонската борба, 23 Октомври)

25.10.2013 - 12:33

најчитано сега