Пендаровски- Јазбец: Двете држави негуваат исти, европски вредности, со традиционално пријателство
Претседателот на Република Македонија Стево Пендаровски, денеска на проштална средба го прими амбасадорот на Република Словенија Милан Јазбец.
На средбата, како што информира кабинетот на Пендаровски, беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу Македонија и Словенија и беше констатирано дека двете држави негуваат исти, европски вредности, со традиционално пријателство и силно стратешко партнерство.
Во тој контекст претседателот Пендаровски и амбасадорот Јазбец го реафирмирале интересот за натамошно интензивирање на соработката во сите области од заемен интерес, особено во економската сфера кадешто постои голем потенцијал.
Нагласувајќи ја континуираната словенечка поддршка на билатерално, регионално и мултилатерално ниво, претседателот Пендаровски истакнал дека Северна Македонија високо ја цени помошта на Словенија во спроведувањето на реформските процеси, во насока на нашата европска интеграција, којашто ќе се одрази позитивно на стабилноста и просперитетот на целиот регион.
Двајцата соговорници размениле мислења и информации и за активностите поврзани со пандемијата на КОВИД-19, нагласувајќи ја потребата од зголемена соработка и солидарност помеѓу државите како одговор на здравствените и социо-економските предизвици наметнати од овој глобален проблем.
Претседателот Пендаровски изразил благодарност за севкупниот дипломатски ангажман на амбасадорот Јазбец посакувајќи му натамошен успех на личен и на професионален план.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа