Грчки бизнисмен гради фабрика во Жабени

Битолскиот градоначалник Владимир Талески и основачот на грчката компанија „Виндор“од Лерин, Костас Мицопулос, денеска во индустриската зона „Жабени“ ги поставија темелите на новата фабрика специјализирана за производство на врати и прозорци од ПВЦ и алуминиум. 

Семејниот бизнис на Мицопулос датира од 1974 година, и прв пат од работењето на компанијата одлучиле да инвестираат и во Република Македонија.

- Објектот брзо ќе го градиме почеток на површина од 340 квадратни метри, а конечната форма ќе биде поставена на 2.500 метри квадратни. Веднаш ќе се вработат 20 лица, а потоа ќе се зголемува бројот на нововработени во зависност од потребите на компанијата. Ќе продаваме во Македонија, а ќе извезуваме во Грција. Сметаме дека е тешко да се инвестира, но треба да се инвестира бидејќи ако застанеш, тогаш нема развој. Инвестирав бидејќи тука има добри луѓе, најмногу ни помогна градоначалникот и затоа одлучивме да инвестираме во Македонија, истакна Мицопулос.

Градоначалникот Талески истакна дека со денешната промоција на најновата инвестиција која во ИЗ „Жабени“-Битола доаѓа од Република Грција, вкупниот број на инвеститори сега изнесува 28, купени се 48 парцели и издадени се 8 одобренија за градба.

- Продолжуваме успешно да го реализираме концептот за развој на индустриската зона „Жабени“. Грчкиот инвеститор ги знаел поволностите што ги нудат општината и Владата на Република Македонија и одлучи да гради во нашата зона. Наскоро ќе има уште една нова фабрика која ќе се гради во ИЗ „Жабени“. Најдобро се чествува и најдобро се празнува кога се борите да создадете услови на инвеститорите и воедно помагате за својот народ да се обезбедат нови вработувања, истакна Талески. 

23.10.2013 - 15:22
Фото: 
Денешен

најчитано сега