Бесими: Важно е да продолжиме со дијалогот со новинарите
На консултативниот комитет на граѓанско општество на Европската унија и Република Македонија, што се одржува денеска во Скопје, свое обраќање имаше министерот Фатмир Бесими.
Пред присутните, вицепремиерот задолжен за европски прашања, истакна дека соработката со цивилниот сектор, а во тој контекс и дијалогот со новинарите, и соработката со младите се важни аспекти за Македонија и сите треба да го дадат својот придонес, како државните институции, така и невладиниот сектор.
- Важно е да продолжиме со дијалогот со новинарите, во однос на консолидирање на законската рамка, подобрување на условите за работење и квалитетот во таа област и создавање амбиент за слобода на изразување како што е тоа во нашиот Устав и како што посакуваме во наредниот период во сите меѓународни извештаи да се подобри сликата за РМ во однос на оваа област. Тоа е наша заедничка цел, на Владата, државните институции, на цивилниот сектор и е во корист на граѓаните на Република Македонија, рече Бесими.
Бесими посочи дека веќе се работи на конкретизирање на Извештајот од ЕК и претворање во акциски план: - Членството на РМ во ЕУ е важен приоритет за нас и драго ми е што Македонија и регионот остануваат во приориетите за проширување. Во наредниот период ќе го дадеме нашиот максимум и во декември очекуваме препораките од Извештајот да може да се оставрат за да Македонија чекори понатаму кон членството ЕУ со поквалитетни и побрзи реформи и отвореност внтаре во земјата кон соседите и кон ЕУ, наведе Бесими.
На Комитетот се обрати и заменик министерот за труд и социјална политика, Ибраим Ибрахими, кој посочи дека невработеноста е сериозен проблем и затоа мерките и во наредниот период за 2014 и 2015 година се насочени кон нејзиното намалување.
- Во националната стратегија за вработување за периодот до 2015 година тоа е приоритетна цел и за 2015 година е предвидено да се оствари стапка на вработеност на младите од 29 проценти, рече Ибрахими.