Костадинов: Цената на дизелот од 42,5 денари е најниска во последните 10 години, нема опасност од ценовни шокови

 

„Последното намалување на цената на горивата директно ги демантираше изнесените лаги на ВМРО-ДПМНЕ дека со временото зголемување на акцизата ќе се соочиме со ценовни шокови и инфалција.

Тоа не се случува и нема да се случи, напротив цената на горивата паѓа согласно падот на нафтата на светските берзи.

Ако се земе предвид цената на дизелот, ова гориво, денес во 2020 година, е со најниска цена во последните 10 години“, вели Костадин Костадинов, портпарол на СДСМ.

„Денес, цената за литар дизел изнесува 42,5 денари. Минатата година изнесувала 62.5 денари за литар, во 2018 60 денари, во 2012 таа била дури 72,5 денари, а пред точно десет години, во 2010 еден литар чинел 58,5 денари

Нашата држава Северна Македонија има најниска цена на нафтените деривати во регионот. Цените на еуросуперот 95 и еуродизелот БС во нашата земја изнесуваат 49.5 и 42.5 денари, додека во Бугарија се со цена од 59.7 и 57.24 денари, а во Србија со цена од 78.16 и 73.12 денари за двата вида гориво.

Во Косово, Албанија, Хрватска, Црна Гора, Словенија, Босна и Херцеговина и Грција цените се исто така доста повисоки во однос на цените во нашата земја.

Со падот на цената на нафтата од нешто повеќе од 20 денари од почетокот на годината до сега, промената на цената на акцизата е незначителна во споредба со ова големо намалување.

Ова се реални и официјални податоци за движење на цените на горивата.

Затоа, тврдењата дека зголемувањето на акцизата ќе се одрази негативно на цените и дека ќе трпи транспортната, или другите дејности врзани за нафтените енергенси, се финансиски неоправдани и неосновани.

Механизмот усвоен од Владата, овозможува и постепено враќање на постојните износи на акцизи во услови на нормализирање на цените на пазарот, што се очекува тогаш кога ќе заврши состојбата предизвикана од коронавирусот.

Граѓаните и стопанството да бидат спокојни. Нема опасност од ценовни шокови, од инфлации, од раст на транспортните трошоци. Државата прави се за да ги заштити работните места, да го сочува и унапреди стандардот на граѓаните и да му помогне на стопанството.

Сега е време за солидарност и одговорност, време за заеднички напори за надминување на глобалната економска криза предизвикана од коронавирусот.

Само ако сите бидеме солидарни ќе успееме оваа криза да ја пребродиме и побрзо и полесно“, изјави Костадин Костадинов, портпарол на СДСМ.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

29.04.2020 - 13:49

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега