ВМРО-ДПМНЕ: Вонредната состојба се злоупотребува, а бројот на починати и инфицирани се зголемува
Пандемијата коси низ Македонија, граѓаните ги трпат последиците од мерките, а СДСМ ја злоупотребува вонредната состојба, велат утринава преку соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата велат дека нема соодветна заштита за медицинскиот персонал и за граѓаните, недостасува сеопфатно тестирање, а функционерите на СДСМ се однесуваат како шерифи.
„Единствено нешто што функционира се огласите за времени вработувања и парите кои се слеваат кај партиските послушници.
Граѓаните се прашуваат дали власта се наоѓа во состојба на епидемија и криза или во политичка кампања.
Советник на СДСМ во полициски час си тераше партиска кампања, а директор си објавуваше фотографии како со друштво прославува.
Републичкиот штаб нема информации дека општински штаб е тестиран заради сомненија дека членовите се инфицирани и само заради пропаганда одржува состанок под ризик да ја рашири заразата. Протоколите се игнорираат, а заради внатрепартиски битки се игнорираат и барањата на општинските штабови.
Целата паника се користи за ослободување на инволвираните во случајот Рекет.
Државата е во хаос и дополнително ќе ја заглават на долг рок. Рецесијата е започната, пари нема за бизнисите, граѓаните се исплашени за својата егзистенција, а власта нелогично ќе ја спасува олигархијата од пропаст.
Додека во светот и во европските земји владите носат сериозни мерки за заштита на граѓаните и стопанството, претставниците на власта во Македонија се натпреваруваат кој повеќе пресови ќе направи за да бидат „популарни“ и видени. Со ваков популизам и неспособност пати народот и државата која што е во колапс“ велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа