Неделковски: Желбата да се прикаже објектот на СРЦ Кале како руиниран е јасен показател дека сакаат да го пренаменат земјиштето за градба

 

Ова зад нас се базените под  Кале, капитален спортски објект од големо значење за граѓаните на Скопје. Овие базени, задно со фитнес центарот, придружните објекти и паркингот се дел од договорот за закуп кој Даниел Димевски го склучил со Јавното претпријатие за стопанисување со објекти за спорт на 30 години, реагира Влатко Неделковски  од ВМРО-ДПМНЕ.

-Желбата да се прикаже дека објектите се руинирани и неупотребливи само ја потврдува намерата на Димевски за пренамена на објектите за спорт во нешто друго. Впрочем целиот договор речиси во сите негови членови, зборува за противзаконски дејствија од типот на пренамена, промена на ДУП, трајна градба, ексклузивитет при изборот на коинвеститор, начин на поделба на изградена површина, предност при откуп на државно земјиште, плаќање со компензација, преземање на договорот од трета страна и можност од давање во подзакуп. Од месечината се гледа намерата на Димевски оваа атрактивна локација да ја претвори во градежна парцела со цел остварување на огромни профити на грбот на граѓаните и државата преку еден куп прекршувања на многу закони кои ја регулираат оваа проблематика, истакна тој.

Тој потенцира неколку флагрантни прекршувања на законски одредби.

-Прекршен е Законот за користење и располагање со стварите во државна и општинска сопственост член 37 став (1) и (2), затоа што јавната објава не е објавена преку бирото за јавни набавки, не е извршена електронско наддавање за истиот и дава право за подзакуп … Прекршен е законот за спорт по член 61, 63 и 64. Прекршен е законот за извршување затоа што на Димевски во членот 6 од договорот му се овозможува  да плаќа со компензација со што ги оштетува доверителите кои имаат приоритет при извршувањето. Овозможено му е договорот да го преземе трета страна која не била дел од постапката за закуп и нема никакви должничко доверителски односи со Јавното претпријатие. Доказ дека спортската дејност со објектите не го интересира Даниел Димевски, е тоа дека фирмата ТУРД ОЛИМПИК кој има шифра на дејност 93.13 Објекти за фитнес, незаконски го предава правото за закуп на Агенцијата за промет со недвижен имот, градежништво, консалтинг, трговија и услуги МАКЕДОНСКА КУЌА со шифра на дејност 43.99 -Останати градежни работи, неспоменати на друго место. Инаку и двете фирми се во сопственост на Даниел Димевски односно неговата сопруга, посочи тој.

Неделковски вели дека заради сето ова мора:

-Државното правобранителство да покрене постапка за поништување на незаконскиот договор.

– Владата да го разреши ВД директорот на ЈПСОС Шпенди Хајредин поради несовесно управување со имотот на државата и да покрене кривична постапка за злоупотреба на службена положба.

– Даниел Димевски да поднесе оставка од функцијата советник на премиерот за спорт, доколку тоа не го направи, владата да го раскине договорот со него и да покрене соодветна постапка поради судир на интереси како вршител на јавна функција.

-За крај ги потсетувам сите вклучени во овој криминален договор на Член 73-б од законот за спорт, кој недвосмислено го кажува следното: Тој што спротивно на закон ќе сруши, пренамени за друга дејност освен за дејноста спорт или отуѓи на трети лица објекти за спорт во сопственост на Република Македонија, во сопственост на општините, општините во градот Скопје и градот Скопје,  ќе се казни со затвор од една до три години, посочи тој.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

15.04.2020 - 14:01

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега