Стипендии од МОН за школување на Академијата за менаџери
Министерството за образование и наука утре ќе објави конкурс за доделување 40 стипендии во износ од по 500 евра на постдипломските програми на Академијата за менаџери.
За ова денеска информираше министерот за образование и наука, Спиро Ристовски. - Ќе бидат доделени 13 стипендии за насока „стратешки менаџмент“, 14 за „стратешки маркетинг“ и 13 стипендии за „финансии“. За апликациите на конкурсот ќе одлучува координативно тело формирано од претставници на МОН, Универзитетот Шефилд, Сојузот на стопански комори (ССК) и Академијата за менаџери. Со оваа одлука практично обезбедуваме континуитет во поддршката што ја дадовме и во текот на минатата академска година, а која е од големо значење и за Академијата и за бизнис заедницата во земајава, рече Ристовски.
Академијата за менаџери, што е основана пред една година, посредува при едукација и професионална доквалификација на постипломско ниво на стручни лица од различни профили и менаџери вработени во приватниот и во јавниот сектор во Македонија.
- Оваа година се стипендираат три модули. Во насоката „стратешки маркетинг“ се изучуват најновите трендови во маркетингот, дигиталните медиуми и интегрираните комуникации, а стипендираниот модул се однесува на стратегија за развој на нови производи и услуги. Модулот „финансиски менаџмент“ се однесува на тоа како најзбро да се вратат вложените средства во дадена инвестиција, а во модулот „стратешки менаџмент“ се обрнува внимание на огромната потреба од промената на секоја организација и од технолошки и од оперативен аспект во бизнис светот, рече директорката на Академијата за менаџери, Марија Никовска.