Прифатени измените на Законот за надзор на пазарот

 

Засилување на контролата на увозот на стоки и поефикасна координација на Координативното тело за контрола на пазарот, се дел од измените на Законот за надзор на пазарот што денеска помина во прво читање на собраниската Комисија за економски прашања.

Претставникот од Министерството за економија Билјана Стојановска појасни дека со измените се прави усогласување со европските директиви и со нив ќе се овозможи поефикасна координација на Координативното тело за надзор на пазарот.

Според претседателката на Комисијата, Владанка Авировиќ се работи за суштински закон со кој ќе се заостри контролата на увозот на стоки и производи, а со тоа индиректно ќе се заштити и потрошувачот, а ќе им се даде можност и на лабораториите да бидат рамноправни со оние од земјите членки на Европската унија.    

Комисијата го разгледа и годишниот извештај за работата на Комисијата за заштита на конкуренцијата. Опозицијата како слабост на извештајот го посочи немањето информации за државната помош што им се дава на странските инвеститори на што претставниците од Комисијата појаснија дека податоците за доделената државна помош од минатата година ги добиваат до средината на оваа година, а бидејќи се уште ги немаат добиено податоците, не биле во можност да ги презентираат во извештајот.

ФОТО:Нова Македонија 

најчитано сега