Адеми: Онлајн-настава има во сите училишта, размислуваме за ваучери за интернет за деца од социјален ризик

 

Информациите од терен за онлајн-наставата се доста охрабрувачки. Досега не сме примиле информација дека во некое училиште воопшто не се организира онлајн-настава. Има одредени предизвици со кои нашиот образовен систем се соочува и во нормални околности, особено кога говориме за најмалите – од прво до трето одделение, зашто сите не знаат да ракуваат и сите немаат свој ИТ-уред, изјави министерот за образование и наука Арбер Адеми.

Во гостување во утринската програма на ТВ Сител министерот рече дека покриеност со интернет има на целата територија на државата, но проблем има со пристапноста до интернет во семејства без приходи и поради тоа  Министерството со допис побарало од училиштата да информираат колку деца немаат пристап до интернет поради матријални услови. Но, рече, имало недоразбирање зашто училиштата мислеле дека ќе им се доделуваат ИТ-уреди и известиле за деца што не поседуваат уреди. Ќе  ги користат, рече, и податоците од Министерството за труд и социјална политика за точен број на семејства во државата што се без приходи, а кои имаат ученици, и  податоците ќе ги вкрстат.

-За интернетот е малку полесно зашто со министерот за информатичко општество Дамјан Манчевски размислуваме да доделуваме ваучери за интернет за да се обезбеди бесплатен интернет за децата од социјален ризик. Што се однесува до уредите, кога велиме учење од дома не мислиме на некои најмодерни ИТ-уреди, со посебни камери и микрофони итн. На пазарот може да се најде и  употребен уред по скромна цена. Доволно е да имаме паметен телефон и сè да следиме онлајн. Затоа и во уредбите што ги донесовме користевме претпазливи формулации, велиме:  „…и секое средство за комуницирање кое ќе овозможи двонасочна комуникација“, истакна Адеми.

Тој повторно нагласи дека онлајн-наставата е задолжителна и веќе стана формална и наставниците се насочени дека сите содржини и теми треба да ги планираат и организираат исто како и во редовната, класична настава. Преку е-платформите, е-пошта и други модели и средства за електронска комуникација треба да се овозможи двонасочна комуникација наставник – ученик и размена на податоци.

Во однос на оценувањето и проверката на знаењето на учениците, Адеми рече дека наставнците може да бидат многу креативни за да оневозможат препишување на одговорите, така што, рече, „бараме креативност и максимална вложеност од сите страни“.

Посочи и дека за е-учењето да има законска основа,  Владата ги донесе трите уредби, кои имаат сила на закон, за трите нивоа на образование (основно, средно и високо) и со нив се утврдува начинот на организирање и реализирање на наставата на далечина.

Во однос на размислувањето државната матура да се одложи за еден месец и за реакциите  од родители за ваквиот предлог, Адеми повторно кажа дека повеќе опции се на маса и сè зависи од тоа колку време ќе трае оваа ситуација.

-Одложувањето за јули наместо во јуни е една од опциите и нема да се изгуби ништо. Ќе ја следиме состојбата, а најбитно е дека која одлука и да ја донесеме ќе се водиме според најдобриот интерес на нашите ученици, земајќи ги предвид сите овие вонредни околности. Никој нема да биде оштетен, додаде Адеми. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

01.04.2020 - 10:57

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега