Арсовски: Договорите покажуваат енормно висока цена, за лет до Загреб, споредено со Минхен и Малта
Невидено е до сега и нечуено, хуманитарните акции кои ги организира било која Влада во светот да бидат платени и на терет на оние кои што им се даваат, рече Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој нагласи дека откако се испофали целата Влада на СДСМ дека со хуманитарни летови ќе ги врати граѓаните од светот кои се заглавени поради корона вирусот, почнавме да гледаме и почнавме да слушаме сведоштва од патниците, дека секој хуманитарен лет и секоја една хуманитарна карта сами си ја плаќаат граѓаните по стотици евра. Многу повисоко што чинат од реалните цени.
Арсовски потенцираше дека очигледно за овој хуман гест некој од Владата треба да добие соодветна награда.
„Да се навратиме на цените за авиопревозниците. Очигледна е нервозата на Рашковски и целата Влада во врска со обелоденувањето на вистината за висината и цените на чартер летовите кои што се актуелни сега. Еве ќе земеме за пример цени за само 3 дестинации од каде се враќаат македонските граѓани во Скопје.
Цената на чартер летот од Малта до Скопје чини 25.000 евра по авион. Цената на чартер летот од Минхен до Скопје чини 32.000 евра по чартер авион.
А пак, цената на летот од Загреб кој што е најблиску до Скопје чини цели 42.500 евра по чартер авион.
Едноставен пример, нема човек што не знае, а патувал со авион дека лет во еден правец од Загреб до Скопје чини само 100-тина евра. Авион со 180 патници, какви што впрочем има компанијата Визер и за секој еден патник картата да чини 100 евра колку што отсекогаш чинела, целиот чартер авион би требало да чини околу 18.000 евра.
Каде е останатата разлика од 24.500 евра конкретно за летот од Загреб до Скопје? Класично воено профитерство и печалење на грбот на граѓаните.
Пропратено со нехумано третирање и нехуман однос кон патниците кои сами си ги плаќаат трошоците за целото патување.
Од сите страни гледаме сведоштва за нехумано третирање, каде што со часови патниците чекаат во автобуси, без храна, без вода, без дозвола да одат во тоалет. Откако ќе пристигнат во хотелите наменети за карантини, во една соба, на брачни кревети се сместуваат по двајца луѓе кои прв пат се гледаат. Не знаат дали едниот или другиот има симптоми на корона вирусот.
Која е поентата да имаш карантин ако сместуваш во една соба по повеќе луѓе?
Најважно во моментов за нас сите, за граѓаните е да помине оваа криза и да се сочува здравјето на граѓаните најдобро што може. Дури потоа се ќе излезе на виделина и целиот сомнеж за криминал ќе биде посебна тема за разговор каде што целиот сомнеж ќе се префрли во правосудните институции откако ќе ги тргнат канџите Заеви“, изјави Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа