СДСМ: Обезбедени се бескаматни кредити за компаниите погодени од кризата, време е за солидарност и меѓусебно помагање

 
Државата, институциите остануваат посветени на спречување на ширење на коронавирусот, но и намалување на негативните ефекти врз економијата, стои во соопштението на СДСМ.

Од партијата велат дека СДСМ како одговорна партија водена од интересите на граѓаните и државата, веќе предложи низа мерки за справување со економските последици од коронавирусот.

„Владата веќе ги донесе првите мерки кои имаат за цел да им помогнат на граѓаните и стопанството полесно да се справат со штетите предизвикани од коронавирусот. Развојната банка на Северна Македонија веќе објави јавен повик за доделување бескаматни кредити на микро, мали и средни претпријатија погодени од кризата. Компаниите ќе имаат можност да добијат бескаматен кредит од 3 до 30 илјади евра со грејс период од 6 месеци. Со Уредбата со законска сила за начинот на промена на договорни услови на кредитни изложености кај банките и штедилниците, се олеснува финансискиот товар на граѓаните и на фирмите коишто заради коронакризата се соочуваат или би можело да се соочат со реални потешкотии во исплатата на кредитите во банките и штедилниците“ велат од СДСМ.

Од партијата наведуваат и дека извршителските дејствија се ставени во мирување до 30 јуни.

„За кризата побрзо се надмине потребни се уште посилни и уште поефикасни економски мерки, насочени кон заштеда и поголема помош за граѓаните. Потребно е солидарно намалување на платите на функционерите, министрите, раководителите, градоначалниците, директорите и на вработените во јавниот сектор на 14.500 денари во месеците април и мај. Претседателите и членовите на Советите во општините и претседателите и членовите на Управните и Надзорните одбори на институциите да не земаат надоместоци за месеците април и мај. Сите средства од оваа заштеда да одат во фонд за справување со кризата од каде ќе им се помага на работниците и стопанството.

Време е за солидарност и меѓусебно помагање. Само така побрзо ќе се надмине економската криза која е последица на коронавирусот.“ велат од СДСМ.
 

 

 

Добивајте вести на Viber

27.03.2020 - 08:53

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега