Универзитетот „Гоце Делчев“ воведе онлајн предавања

Поради настанатата ситуација со вирусот Ковид-19, Универзитетот „Гоце Делчев“ од вчера започна процес на интерактивни предавања преку интернет за своите студенти. Прв започна факултетот за информатика, но во периодот што следува ќе се вклучуваат сите факултети каде што тоа е изводливо, соопштија од Универзитетот.

Од УГД наведоа дека долго време користат електронски платформи за комуникација и работа со студентите, па така ова не претставува особен проблем.

– Наставата се одвива преку две платформи, и тоа е-учење и Microsoft Teams. Сите потребни материјали се поставени на платформата е-учење, а за директна комуникација со студентите се користи Microsoft Teams. Со ова на студентите им овозможуваме да се продолжи со образовниот процес и во една ваква вонредна ситуација. Студентите добро го прифатија новиот начин на работа и се надеваме дека ситуацијата многу бргу ќе се врати во нормала и ќе можеме да продолжиме со наставата во предавалните, изјави проректорот за настава на УГД проф. д-р Мишко Џидров.

УГД ја користи платформата на Мајкрософт и, како што велат, немаат потреба од никакви дополнителни ресурси.

– Се што треба е студентите да имаат интернет врска и било каков уред поврзан на интернет (телефон, таблет, лап топ или десктоп компјутер). Студентите за предавањето добиваат покани на нивната студентска пошта и линк на кој може да се поврзат. Настанот автоматски им се додава во календарот. Неколку минути пред почетокот им стигнува известување и ги потсетува за предавањето и потоа се вклучуваат сите. Процесот е многу едноставен, па се очекува до идната недела најголем дел од професорите да се вклучат во овој процес, велат од Факултетот за информатика на УГД, наведоа од Универзитетот.

Алатката на Мајкрософт е бесплатна, а од Факултетот за информатика потенцираат дека таа можат да ја користат и други образовни институции и да го прилагодат наставниот процес многу бргу.

Првото предавање со 40 студенти поминало во најдобар ред, презентациите и комуникацијата течела без проблем што значи студентите, како што оценуваат од УГД, во оваа новонастаната ситуација нема да загубат голем дел од своите предавања.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

18.03.2020 - 13:55

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега