Ласовска: На пратеничките листи на ВМРО-ДПМНЕ во голем процент ќе бидат достоинствени, чесни и силни жени
Во вечерашната емисија “Тренд анализа” гостуваше претседателката на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, Благица Ласовска.
Во однос на пратеничките листи кои во наредниот период треба да ги објави ВМРО-ДПМНЕ, Ласовска образложи дека на тие листи во голем процент ќе бидат застапени жени.
Законскиот минимум за застапеност на жените на пратеничките листи е 40%, но Ласовска вели дека тој процент може да биде и поголем поради тоа што жените во ВМРО-ДПМНЕ претставуваат чесност и сила која ја движи партијата од нејзиното формирање.
Ласовска исто така додаде дека ВМРО-ДПМНЕ отсекогаш давало поддршка на жените во партијата и стоело зад сите проекти од страна на Унијата на жени.
-Јас сметам дека жените не треба да бидат некакви квоти. Жените некогаш понесуваат товар и одговорност кои ретко кој маж ги понесува. Како политички, така и во приватниот живот. Но, за жал, односно реалноста е дека квотите се уште постојат и рангирањата и кандидатурите мораат да бидат во рамка на истите, кои барем досега се почитувани од страна на мажите во ВМРО-ДПМНЕ, односно и самата партија, вели Ласовска.
Жените во изминатите петнаесетина години се директно инволвирани во политичките процеси, како и раководењето со важни институции во државата.
-Тоа покажува дека жените се рамноправни во функционирањето на политички план и дека општеството е подготвено да се потпре на жена која би раководела со одредена институција или пак би била дел од извршната власт, заврши Ласовска.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа