Зоран Заев: Снимките на Милошоски покажуваат зошто беше важно носењето на Законот за ЈО

 

Press24: По гласањето за Законот за Јавно обвинителство, изјавивте „Успеавме“. Во што се состои успехот, ако еден ваков важен Закон кој треба да биде основа за реформи во сферата од која најмногу се очекува, всушност се претвори во една политичка драма со голем број експертски критики? 

Заев: Успеавме да донесеме уште една победа на големото мнозинство кое е на страната на правната држава над политичките структури кои, за жал, се уште го бранат криминалот. Успехот е во тоа што ставивме уште еден темел на реформите во правосудството, што повеќе нема политичари да бираат обвинители, што не дозволивме амнестии, што предметите отворени од СЈО и сите други ќе добијат правна разрешница. Политичка драма правеше раководството на ВМРО-ДПМНЕ под команда на шефот од Будимпешта. Тие се дрзнаа повторно да се закануваат врз народните претставници, да вршат невидени притисоци, бидејќи сфатија дека ќе има одговорност за криминалот во нивните редови. Кога некој толку многу се бори да одбрани криминал, а мнозинството од другата страна успева со 2/3 во Собранието да донесе европски Закон за јавно обвинителство, тоа значи “Успеавме”.

Press24: Зошто беше толку важно носењето на овој Закон, опозицијата во него препознава обид за заштита на актуелните функционери на власта од евентуална кривична одговорност по смена на власта?

Заев: Денес еве имаме свеж пример, Антонио Милошоски пушта некои мои разговори со кои јасно се гледа зошто беше важен законот.

Јас во објавените тонски снимки ја коментирам одлуката на Врховен суд за непостапување за предметите од СЈО после јуни 2017 година, состојба со која предметите паѓаа доколку не се изгласаше Законот за јавно обвинителство. 

Разговорот некој од присутните неовластено го снимал додека се разговара за причините и потребата зошто треба да се донесе законот за Јавно обвинителство.  Toa се веројатно разговори од состаноците кои се водеа со претставници на партиите од власта и опозицијата од албанскиот блок на партии, кога се убедувавме и објаснувавме со групата од осум пратеници од ВМРО-ДПМНЕ зошто е важно да се донесе Законот за јавно обвинителство.

Неовластено снимениот разговор покажува зошто мораше да се донесе Законот за јавно обвинителство - покажува како со него се надминува одлуката на Врховен суд. Со ЗЈО овозможивме сите предмети да добијат правна разрешница врз основа на обезбедените докази. Се зборува дека врховните судии јасно информирале дека ќе ја донесат одлуката што тогаш ја донесоа согласно законот за СЈО каде што е предвидено дека до 30.06.2017 неовластени разговори се докази, а после може да бидат само индиции. Се друго што се слуша во објавеното неовластеното снимање од Милошоски е само аргумент плус преку убедување на соговорниците и потврда, зошто треба да се донесе новиот закон за Јавното обвинителство. 

ВМРО-ДПМНЕ се закопа, пушта снимки од разговори од време кога сите знаеа дека предметите на СЈО беа под закана - Милошоски го знае новиот закон, тој, Груевски и Мицкоски знаат дека предметите ќе добијат пресуди врз основа на обезбедените докази. Спасени се доказите, спасени се предметите, само криминалот на ВМРО-ДПМНЕ не е спасен. 

Убаво да слушаат граѓаните како се ставани и вадени тонски парчиња во објавената снимка. Но и покрај тоа ВМРО-ДПМНЕ не успева да направи конструкција. Денес е јасно. Ние се боревме предметите да добијат правна разрешница, бидејќи како што се слуша во разговорот, таа беше загрозена.

Ја добивме битката, ние бевме за Законот и за правна разрешница на сите предмети од СЈО врз основа на обезбедените докази, а тие беа против законот и против правда.

Граѓаните знаат дека Милошоски и извршителот Мицкоски не сакаат да одговараат оние кои му овозможија на Груевски да побегне, тие се фокусирани на одбрана на криминал.

Сите добро знаат што препозна опозицијата во новиот закон. Ја препознаа сопствената одговорност за злоделата и криминалот што ги правеле. Носењето на законот беше важно за државата, за владеењето на правдата но и важно за нашите интеграции кон ЕУ бидејќи дадовме аргумент плус пред Унијата. Беше важно за да нашата држава, преку Собранието уште еднаш застане пред тестот на правдата. Беше важно за да осигураме дека силите кои водат напред, кон ред и поредок, кон европски стандарди се сериозно побројни од структурите кои се уште не се промениле и стојат на страната на криминалот и корупцијата. Беше важно, за да осигураме дека законодавната и извршната власт ги презеле своите одговорности, за да можеме со чиста совест да ги повикаме судиите и обвинителите да носат правда растеретени од малцинските структури на ДПМНЕ кои се за неправда.  

Press24.: Опозицијата веќе ја оспори постапката за носењето на овој, но и на Законот за Советот на јавни обвинители. Постои ли можност овој Закон да биде оспорен од Уставниот Суд? 

Заев: Опозицијата како и секој граѓанин има право да оспори закон или дел од закон пред Уставниот суд. На Уставниот суд е како тој ќе одлучи. Потсетувам, ова законско решение беше градено со месеци, а зад него застанаа и нашите пријатели од САД и ЕУ, како и Државниот јавен обвинител, така што јасно е уште еднаш. Раководството на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Груевски и Мицкоски беа единствените против законот, тоа многу кажува.

Press24.: На два месеци пред изборите анкетите прогнозираат изедначени изборни резултати, дел анкети мала предност за опозицијата, но последните објавени анкети прогнозираат предност на власта. Какви се Вашите прогнози и какви избори очекувате?

Заев: Анкетите покажуваат дека на овие избори СДСМ е фаворит, дека граѓаните ја препознаваат разликата меѓу двата концепта. Политиките на СДСМ за интеграција, за стабилност преку членство во НАТО, за економски раст и за голема помош на сиромашните и ранливите се далеку повеќе поддржани од политиките на ВМРО-ДПМНЕ, партија која е препознаена како нереформирана, под контрола на бегалецот од Будимпешта. Концептот на СДСМ кој е за одење напред кон сигурна иднина води пред оној на ВМРО-ДПМНЕ кој е за мрачното минато.
И тоа ќе се потврди на 12 април. На 12 април следуваат фер, слободни и демократски избори на кои СДСМ повторно ќе ја добие довербата на мнозинството граѓани, ќе формира влада и стабилно ќе ја води земјата низ целосен 4-годишен мандат.

Press24: Што според Вас ќе значи успех на СДСМ на овие избори?

Заев: Успех е да огранизираме слободни и чисти избори на кои граѓаните слободно ќе гласаат, избори на кои СДСМ со својот концепт за развој на македонската економија и за унапредување на општеството, ќе добие поддршка од граѓаните и мандат да продолжи да ги предводи институциите и да продолжи да работи за граѓаните.

Press24: Прашањето ми е во смисла на крајниот резултат. На пример можно ли повторување на сценариото од 2016, победа на ВМРО-ДПМНЕ, а не можност за формирање влада? Дали тоа за Вас би било изборен успех за СДСМ?

Заев: Политиките на ова ВМРО-ДПМНЕ се ретргорадни, штетни за државата, опасни по нашето членство во НАТО, погубни за европската интеграција – тоа се политиките на Никола Груевски и Христијан Мицкоски. Партија која не научила ништо, не собрала сили да покаже грам демократски капацитет и која речиси 15 години е заробена од криминални интереси не може да победи на избори во 2020 година, годината кога нашата татковина станува членка на НАТО. Стратешкиот интерес на земјата ќе добие мнозинска поддршка во споредба со интересот на ДПМНЕ за крадени пари. Успехот на граѓаните кои сакаат мирен, стабилен живот во држава со силна економија во која има ред, овој пат ќе биде неприкосновен.

Press24: Хипотетички, ако се случи изборен резултат кој тешко би гарантирал формирање мнозинство за влада, дали широка коалиција ни била опција која би ја поддржала СДСМ?

Заев: Во СДСМ постојат само победнички математики, не постојат други опции, ниту хипотетички. СДСМ и на овие избори ќе ја води најголемата коалиција од политички сили кои ги претставуваат сите заедници кои живеат во нашата земја. СДСМ е партија со најголем коалиционен потенцијал, лидер на победничка коалиција која ќе ја води следната политичка влада.

Press24: Ќе има ли на овие избори прва предизборна коалиција меѓу македонска и албанска партија?

Заев: СДСМ е сериозен, отворен, инклузивен политички субјетки, предводник на моделот Едно општество за сите. Сме дејствувале мудро, разумно и државнички за да денес можеме растеретени да разговараме со сите политички субјекти,освен со ВМРО-ДПМНЕ за можности за предизборно или постизборно коалицирање. Затоа е СДСМ голем и моќен, бидејќи има капацитет да гради партнерства и да ги зголемува своите коалициони сили во интерес на граѓаните и на напредокот на земјата.

Press24: На изборите во 2016 година успеавте да освоите огромен број албански гласачи. Денес како партија се уште висок рејтинг кај албанскиот електорат, но далеку помал од тој во 2016 година. На што се должи тој пад на довербата, не успеавте да ги реализирате ветувањата? 

Заев: СДСМ и натаму има голема доверба не само кај македонските и албанските, туку кај сите гласачи без разлика на нивната етничка припадност. Јас сум политичар со највисок рејтинг и кај Македонците и кај Албанците и кај другите етнички заедници. На клучните прашања од интерес на граѓаните покажавме перформанс. Се разбира, имаше и грешки и бавно темпо на реализација во некои области, но и граѓаните Албанци и сите други ја препознаа намерата и добро знаат каква држава остави Груевски и какви прашања затворивме во овие 2.5 години. Затоа СДСМ и кај Албанците и кај сите останати етнички заедници ужива висока доверба што ќе се потврди и на денот на изборите. ВМРО-ДПМНЕ има нула поддршка кај граѓаните Албанци. Да немате никаква поддршка од втората по големина етничка заедница во земјата е факт што треба сериозно да ја загрижува најголемата опизициона партија. Тоа уште еднаш покажува дека кај нив ништо не се променило, тие и понатаму очигледно се против концептот на соживот во земјата. 

Press24: Иако е рано, сепак има ли освен Вас и претпоставувам Шекеринска, друго дефинирано име за носител на листа?

Заев: Во партијата се уште трае процесот на евиденција и селекција на кандидатите така што рано е да се зборува за имиња на носители и кандидати за пратеници. Откако овој процес ќе заврши и листите ќе бидат потврдени на Конгрес, јавноста ќе види кои се носителте и кандидатите во изборните единици. Едно е сигурно, ги бираме најодговорните кандидати за пратеници од независноста до сега, со што преземаме обврска да продолжиме да градиме независен парламент и со тоа, способна држава.

Press24: На минатите избори ветувавте „Живот за сите“. Што ќе ветите на овие избори?

Заев: Програмата е подготвена, се затвораат ситни детали, и јавноста многу наскоро ќе има на увид што се ќе имаме како понуда во сите области кои се важни за граѓаните и државата. Понудата секако ќе содржи многу економија, област кајшто покажавме сериозни резултати во исклучително краток рок и при исклучително тешки политички околности, многу грижа за сите категории граѓани и влог во она што значи потреба на луѓето, но ќе вклучи и сериозни мерки за унапредување на нашиот систем како држава, како општество, нешто што го очекуваат сите граѓани, а тоа е способна држава по европски стандарди и правила на функционирање на инститиуциите.

Press24: Министерството за труд и социјалана политика остана без технички министер. ВМРО-ДПМНЕ не предложи друго име, откако беше разрешена Рашела Мизрахи. Причината е една тема, но дали ова што се случи, па и некои други ситуации во МВР, во Земјоделие не се причина, по изборите да се седне, но не во период на некоја политичка криза, туку на почетокот на мандатот, и да се дефинираат сериозни законски решенија, како би функционираа таа техничка влада пред избори, бидејќи очигледно е по две искуства дека овој модел од Пржино не се покажува како најсоодветен?

Заев: Однесувањето на кадрите на ВМРО-ДПМНЕ покажа дека тие се посветени само на личните и партиските интереси и воопшто не се грижат за интересите на граѓаните и државата. За нив е поважно да се пофалат на фејсбук дека “фатиле” 1.3 тони кокаин, без да помислат дека со таа нивна лага можеби загрозуваат меѓународни операции против криминалнот. Наместо да обезбедат услови за фер и демократски избори за што впрочем им е и мандатот тие секојдневно тераат лична и партиска промоција, кршејќи го Уставот и прекршувајќи го Договорот од Преспа. Тоа воедно отвора простор за дебата, дали и во иднина навистина ни треба ваков вид на Влада 100 дена пред избори. После победата на овие избори, при стабилна политичка влада, подготвени сме да го отвориме ова прашање, да ги видиме сите опции заедно со опозицијата и да најдеме решение кое е функционално за државата и за интересите на граѓаните.

Press24: Две години, седум месеци и четири дена траеше мандатот на Зоран Заев како Премиер. Период во кој се случија можеби историски најкрупните политички настани во државата. Од денешна дистанца опозицијата смета дека Заев е најнегативната личност во поновата историја на Македонија. Историјата веројатно ќе ја одреди Вашата улога, но ако можете да се ставите во позиција на набљудувач од страна,што мислите дали општеството, такво какво што е, повеќе би Ви го дал епитетот визионер, или пак предавник на македонската кауза?

Заев: Историјата ги препознава тие што донеле храбри одлуки за својот народ и за својата земја, тие што градат пријателства и мир, наспроти оние што донеле конфликти, поделби, тензии и изолации. Историјата лесно ќе препознае во која година и како резултат на кои политики стануваме членка на НАТО, наша генерациска и стратешка аспирација. Историјата и народот најдобро ќе препознаат во чив мандат платите пораснаа најмногу, минималната од 9.000 на 14.500 денари, просечната за 4000 денари плус, а социјалната помош за 300%. Денес имаме одлична соработка со сите соседи, економијата расте а расте и животниот стандард. Тоа, убеден сум дека не става на позитивната страна од оваа компарација, но сепак граѓаните и времето ќе го дадат конечниот одговор на ова прашање.

Press24: НАТО е реалност, колку е далеку Европската Унија? Далеку во смисла на процес до полноправно членство.

Заев: Најбитно е да ги започнеме преговорите, после 15  години поминати во чекалната, затоа што тоа го заслужуваме целосно. Убеден сум дека по отворањето на првите поглавја, со новата методологија, пристапувањето ќе оди со забрзано темпо и дека за неколку години ќе ја реализираме и втората стратешка цел - членство во ЕУ. Колку сме блиску или далеку до ЕУ многу ќе зависи и од тоа како и кој ја води државата, односно дали политиките се европски, демократски или ретргорадни и националистички. Јас знам дека земјата на чело со СДСМ има капацитет успешно да ги спроведе и затвори преговорите за членство во ЕУ за најмногу 6 години, а ВМРО-ДПМНЕ тоа нема може да го направи ниту за 60 години.

Press24: Неколку блиц прашања. Зошто државата нема проектиран автопат кон Бугарија?

Заев: Затоа што земјата се бавеше со санирање на штетите и пустошот во инфраструктурата што зад себе ги остави 11 годишното криминално владеење на ВМРО-ДПМНЕ. Врските меѓу Северна Македонија и Бугарија во иднина само ќе растат и ќе се зајакнуваат, така им личи на два соседи и две европски земји.

Press24: Од што зависи успешноста на идејата „Едно општество за сите“? Од политичарите или од граѓаните?

Заев: И од политичарите и од граѓаните и од нивните односи на теми кои можат да бидат сензитивни за односите внатре во општеството. Се разбира, зависи и тоа кои политички структури се на власт, тие што се за мирно заедничко живеење на различните граѓани и заедници во овој наш македонски мозаик или тие што се за поделби, национализам и чисти држави.

Press24: Има ли искреност во македонската политика?

Заев: Има искреност, но има и многу лицемерие, лаги и манипулации. Тоа се гледа низ однесувањето на политичарите, низ нивниот секојдневен контакт со граѓаните и на прес конференциите со медиумите. Искреноста е противник на манипулацијата, тоа граѓаните најдобро ќе го препознаат.

Press24: Зошто Заев упорно дава изјави на јазици кои не ги владее добро?

Заев: Јас ги почитувам своите соговорници и знам да одлучам да им се обраќам на нивниот јазик, англиски, бугарски, српски... Тоа е почит кон културата и народот на кои им припаѓа соговорникот. Ќе продолжам да комуницирам на јазиците за кои сметам дека имам доволно познавање, зашто најважно е да се разбереме меѓу себе и низ комуникацијата да си укажеме меѓусебна почит. Јазикот е средство за зближување на луѓето и народите.

Press24: Последни три прочитани книги?

Заев: “Од Букурешт до Преспа – Сведоштва на едно време: Македонија 2008-2018“, зборник од група автори во издание на Фондацијата Отворено општесто, “Сите наши тела” од Георги Господинов и “Mamba Mentality” од Коби Брајант.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

23.02.2020 - 12:59

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега