И за Бугарија станавме ФИРОМ

 

Ставот на Грција е добро познат: Европската комисија ги испраќа извештаите до Советот кој е рамката во која земјите членки на Унијата ќе ги додадат своите гледишта и ќе донесат одлуки врз основа на Копенхашките критериуми, изјави денеска шефот на грчката дипломатија Евангелос Венизелос по средбата со својот бугарски колега Кристијан Вигенин, одговарајќи на новинарско прашање дали е загрижен за објавувањето на извештајот на ЕК за напредокот на Скопје, пренесува МИА.

Тој истакна дека мора да се почитуваат принципите како што се европската култура, добрососедските односи и тогаш членките ги поддржуваат европските и евроатлантските перспективи на сите земји од Западен Балкан.

- Секоја земја од регионот е посебен случај и како таква треба да се земе предвид. Одлуките ќе бидат донесени врз основа на критериумите што ги споменав со цел да се помогне, со добра волја, секогаш врз основа на европските закони, но и на меѓународните односи и закони, изјави Вигенин, јавува МИА.

Тој смета дека во регионот се гледа позитивен развој на настаните, кој го препознала и Европската комисија.

- Добро го знаете нашиот став за Македонија. Се уште преговараме за договорот за соработка и добрососедски односи и очекуваме овој процес да се забрза, истакна бугарскиот министер за надворешни работи Кристијан Вигенин.

Тој додаде дека прашањето за добрососедски односи е клучно прашање за секоја земја која е аспирант за членство во Европската унија.

- Дискусиите ќе продолжат до состанокот на Европскиот совет. Се уште премногу рано да се разговара за конкретни позиции и прашања, но на маса се јасни поенти.  Сега е на Скопје да реагира на извештајот на Комисијата и на отворените прашања со соседните земји, рече Вигенин.

Вигенин ја нарече нашата земја „поранешна југословенска Република Македонија“, иако Бугарија е првата земја што ја призна Македонија под уставното име.

Новинарите немале можност да го прашаат Вигенин дали Бугарија е на грчка страна кога станува збор за спорот за името, како што изјави Самарас во Вашингтон. Информациите за она што е разговарано за Македонија на средбата, останале во рамките на дипломатскиот речник, пишува МИА. 

17.10.2013 - 13:47

најчитано сега