Христијан Мицкоски: Со искривена кичма нема напредок

Ќе се откажам од дел од привилегиите кои следуваат со функцијата, ќе предложам на седница на влада мерки за намалување на даноците, нешто чии детали ќе ги објавам во приодов што следи, и ќе предложам акциски план за младите и пензионерите со чии мерки ќе се влијае на подобрување на нивната состојба, ова се трите работи што прво би ги направил Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кога би влегол во владиниот кабинет како Премиер. Во интервју за Прес24, Мицкоски вели дека е убеден оти по 12 април, тој ќе ја предводи новата влада, но за да ја добие довербата вели нема да ветува нерални работи.

о луѓето со нас можат да бидат комотни и сигурни дека тоа што ќе го ветиме и ќе го исполниме. Кога ќе ветам победа, мислам на победа на изборите и формирање на влада. Не чув од Заев да одговори на вакво прашање, а нема да одговори зошто знае дека ќе загуби. Македонија мора да го надомести загубеното и да оди вистински напред, вели Мицкоски во интервју за прес24.

Не открива кои се неговите адути за носители на шестте изборни единици, но најавува многу нови имиња во политичката сцена.

-Правиме анализи и мерења на рејтингот. Можам да кажам дека ќе излеземе со квалитетни решенија, со луѓе без дамка во минатото и луѓе кои ќе го дадат својот максимум во исполнувањето на обврските спрема граѓаните. Ќе имаме добар тим кој ќе биде одговор на она што го бараат и им е потребно на граѓаните, вели Мицкоски во интервјуто.

Еден од неговите приоритети е суштинската борба против корупција, затоа биле и сериозните забелешки за законот за јавно обвинителство, за чие незгласување вината ја префрла на власта, посочувајчи дека овој закон е да се продолжи уривањето на правниот систем кој сака да го прави Заев. Лидерот на опозицијата смета дека Законот е проитвуставен, во спротивност со кривичниот закон и не обезбедува борба против корупцијата, туку заштита на криминалот, и ќе значи само продолжување на легализираниот криминал на СЈО во формата на ОЈО.

- Не сакам да бидам премиер кој ќе ги дознава предвреме судските одлуки како Заев само затоа што ги нарачувал. Нарачки нема да поминат. Не сакам моите соработници да се заштитена каста за која нема да важат законите. Одговороста мора да почне од највисоките носители на власта. Разработуваме прецизна стратегија за борба против коруцијата и криминалот. Верувајте тоа ќе биде најсеопфатната акција против престапниците на законот. Потребни се драстични мерки кои ќе овозможат правда која ќе ја донесеме, затоа што е алармантна состојбата. Во текот на овој месец ќе презентираме дел од тие мерки, одговора Мицкоски во интервјуто на прањатата кој е неговит план за сузбивање на корупцијата.

ПРЕС24: Предвремените парламентарни избори во април ќе бидат трето Ваше мерење на силите со СДСМ и Зоран Заев на непосредно гласање. На претседателските избори бевте поразени, референдумот го бојкотиравте, но власта го врои во своите успеси. Како вели онаа народната „трета среќа“?

МИЦКОСКИ: Сум го чул ова размислување претежно од луѓето блиски на Зоран Заев, но дозволете да не се согласам со тоа. Како што вие велите "трета среќа" може да бара Заев бидејќи директно загуби на претходните два парламентарни циклуси. Ќе потсетам тој е првиот премиер кој дојде на таа позиција без да победи на парламентарни избори, прво беше дебалкот кој се случи на изборите 2014-та година и поразот во 2016-та година. А што се однесува до референдумот тој не беше успешен и огромното мнозинство не излезе да гласа, како што и јас самиот не излегов, а првиот круг од претседателските избори ВМРО-ДПМНЕ направи одличен резултат додека СДСМ изгуби огромен број на гласови. Веќе во вториот круг настапи математиката и се разбира "кешот" и сето она што е на располагање на власта, а кое сосема веродостојно го гледавме во еден скорошен скандал објавен од Ла Верита, каде се опишува методологијата на работа на СДСМ на изборите. Но сега тој филм нема да се повтори, пред се затоа што народот ги прочита и е одлучен дека Зоран Заев е време да се испрати во политичка пензија, но и воедно да се заштити и воспостави правната држава која се урива годините наназад. Вакво руинирање Македонија не доживеала со децении наназад. Во овие три години имаме само порази од кои човек може само да се срами, но не и гордее. Со искривена кичма нема напредок.

ПРЕС24: Реално овие предвремени парламентарни избори ќе бидат одлучувачки, во поглед и на политиката што државата ќе ја води, но веројатно и за самите партии внатре во своите структури. Знам дека Вие сте убедени во победа, но што за Вас е победа? Кој е тој резултат што на Мицкоски може да му биде сигурен аргумент денот по изборите да рече „нема никаква основа за моја одговорност во партијата“?

МИЦКОСКИ:Сосема е извесно дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ја добие наголемата поддршка на изборите и таа ќе биде убедлива. Верувам во тоа затоа што верувам во народот, но и го гледам хаосот кој го прават во земјата и знам дека мора и може подобро. Со напорна работа и со реална понуда која ќе биде одговор на потребите на граѓаните, со издржан план и програма ќе обезбедиме поддршка од граѓаните. Нема да ветуваме нерални работи, но луѓето со нас можат да бидат комотни и сигурни дека тоа што ќе го ветиме и ќе го исполниме. Кога ќе ветам победа, мислам на победа на изборите и формирање на влада. Не чув од Заев да одговори на вакво прашање, а нема да одговори зошто знае дека ќе загуби. Македонија мора да го надомести загубеното и да оди вистински напред.

ПРЕС24: Од оние средби што ги имавте со граѓаните изминатиов период, дефиниравте ли што за нив е клучно, што би сакале да го видат како предизборна понуда на опозицијата?

МИЦКОСКИ:Јас изминативе две години неколку пати ја поминав државата и низ сите градови и поголеми населени места. Точно знам што им е потребно и кои ќе бидат решенијата. Сега сум на терен меѓу луѓето во рамките на акцијата "Мицкоски со граѓаните", а паралелно се одвива и акцијата "Обновата пред вашиот дом". Број еден проблем на граѓаните се лошите услови за живот, економијата и растечката сиромаштија. Несигурноста е сеприсутна, а огромен број на семејства едвај врзуваат крај со крај. Затоа и се иселуваат, а бројките се немилосрдни. За 3 години дури 200 илјади лица ги напуштиле родните огништа и ја побарале среќата некаде надвор. Цели градови дополнително се празнат кога ќе треба да се оствари некоја сеознска работа во европските држави. А луѓето заминуваат затоа што се несреќни и немаат пари. Но пред се затоа што не гледаа иднина. Македонија е меѓу десетте земји со најголема невработеност на млади во Светот. Втор голем проблем е криминалот, корупцијата и неправдите. Македонија има урнисано судство и држава чии правни темели се на стаклени нозе, а тие се такви поради Зоран Заев и криминалните стурктури кои му слугуваат. Корупцијата е потврден проблем и од најрелевантните институции. Трансаренси не рангираше за најкорумпирана земја во Европа. А Заев за три години една правда не донесе, еден случај не реши, а како ќе реши кога во неговиот скут седат голем дел од оние кој порано тој ги нарекуваше криминалци и секако оние новофмирани газди со кој хара по државата. Третиот корупус на проблеми со кој се соочуваат граѓаните е загадниот воздух и екологијата. Македонија стана и неславен рекордер по најзагаден воздух во Светот. Знаете ли дека во Македонија 9 фирми користат нафтен кокс од кој дури 5 се фирмите уравувани од Заеви или блиски до тоа семејство. Во Македонија само минатиот февруари се внесени 40 илјади тои нафтен кокс и тој е согорен во земјава. Гасифакцијата касни додека граѓаните дишат загаден возду. Е на сите овие проблеми ние ќе понудиме решенија. Ќе понудиме конкретни проекти кои ќе помогнат. И на крај од ова прашање, кога ме прашувате што ги мачи граѓаните нема да ја заборавам свитканата кичма и сменетото име. Тоа боли и пече поради неправдата која и ја нанесоа на државата и поради фактот што државата тапка во место со евро интеграциите.

ПРЕС24: Последните неколку денови главна тема која доминира во прес-конференциите и изјавите на владините и партиските функционери на СДСМ е преспанскиот договор и името на државата. Дали овие избори ќе се сведат повторно на ова прашање?

МИЦКОСКИ:Овие избори ќе се сведат на тоа дали ќе дозволиме Заев и неговата свита ќе продолжат да ја пљачкаат државата и да си местат тендери, да ја виткаат кичмата и газат по достоинството, или пак ќе речеме доста е, мора да има одговорност, принципи и морал. Јас сум сигурен дека ќе се одбере второто. Што се однесува за договорот со името, имам тука јасен и прецизен став. ВМРО-ДПМНЕ е единствената сериозна опција која јасно кажува кои се начините да се смени оваа тешка реалност која ни ја наметна Зоран Заев. Но и воедно јасно кажуваме дека нема сила која ќе не натера да кажуваме дека сме нешто друго освен она што вистински сме Македонци од Македонија.

ПРЕС24: Но очигледно е дека СДСМ се обидува оваа тема да ја држи во јавност и тоа на начин правејќи патриоти од ВМРО-ДПМНЕ. Што е целта, да се создаде страв во јавноста, да се натера ВМРО-ДПМНЕ да ја игнорира темата за името, или нешто друго? Како Вие ја толкувате оваа стратегија на СДСМ?

МИЦКОСКИ:Нема ништо лошо во тоа да се биде патриот, напротив тоа е привилегија, но проблемот е што Заев не е искрен патриот. Мислам дека стравот е во СДСМ и тоа е страв од пораз. Зоран Заев знае дека губи максимално македонски гласови, додека неговиот капацитет поради неисполнетите ветувања, двојните стандарди и лагите е сериозно разнишан и кај албанскиот електорат. Сега она што сака да создаде е нова тиранска платрформа, нова лажна надеж кај тоа гласачко тело со цел на истата карта на национал романтизам да привлече нови гласови, откако ниту една лага не му успеа сега сака да наметне нова, дека како држава мора да го носиме новото име инаку ќе биде пропаст, што не е точно. Најголемата закана за Македонија е токму тој. Заев води политика давеник за сламка, и верувајте нема лага која може да се смисли која нема да ја промовира токму тој. И тоа ќе биде реалноста. За него ова е битка за опстанок на бизнисите затоа што знае дека по поразот ќе мора да се соочи со одговорност. И затоа да не се надева за некаква попусливост или пак на некаков резултат од оние абери преку посредници што стигаат да се има разбирање за состојбите кога ќе се постави прашањето за одговорност. Јас можам да имам разбирање за чесни, но и не за нечесни луѓе. Таму треба законот да се примени, ништо повеќе ниту помалку.

ПРЕС24: ДУИ последниов месец во неколку наврати вели дека ќе го почитува принципот на победници во блоковите за формирање влада. Тоа не беше случај во 2016 година.  Иако од сегашна дистанца се би било хипотетички во смисла на победници, сепак дали овие изјави на ДУИ Ви даваат надеж дека и покрај слабиот рејтинг што ВМРО ДПМНЕ го има кај Албанците, ќе има коалиционен за да состави влада, ако има повеќе пратеници од СДСМ?

МИЦКОСКИ:ВМРО-ДПМНЕ ќе состави влада и коалицијата ќе ја базира на принципи и програма. И тука важен е чесниот однос, но и пропорционалното почитување. Коалицискиот капацитет се гради доколку отворено зборуваме за работите кои недостасуваат, но и тоа дека коалицијата значи привилегии и обврски. Подеднакво да зборуваме за Албанците кои живеат во Скопје, но и за Македонците во Тетово. За условите во кои учат децата во училиштето Кирил Пејчиновиќ во Тетово, зошто сеуште нема капела во Тетово, зошто нема вработени Македонци во општината во Тетово, Гостивар и Кичево и редица други работи. Спремен сум да зборам и да работам за подобрување на лошите услови во Арачиново, но и за надминување на лошите услови во Јегуновце. Така ќе градиме капацитет, преку отворен однос и подеднакви права и привилегии.

ПРЕС24: Иако можеби е рано, но сепак кој се Вашите главни адути за носители на шестте изборни единици?

МИЦКОСКИ:Не би зборел пред време. Правиме анализи и мерења на рејтингот. Можам да кажам дека ќе излеземе со квалитетни решенија, со луѓе без дамка во минатото и луѓе кои ќе го дадат својот максимум во исполнувањето на обврските спрема граѓаните. Ќе имаме добар тим кој ќе биде одговор на она што го бараат и им е потребно на граѓаните.

ПРЕС24: Колкумина од актуелните пратеници би ја добиле довербата на Мицкоски за нов пратенички мандат?

МИЦКОСКИ:Ќе има многу нови лица, млади и способни поединци со голема енергија за работа и резултати. Голем број на нови луѓе се приклучуваат во партиските редови, се разбира при составување на листите ќе се земе во предвид првенствено и мислењето на партиската база и луѓето кои се срцето на партијата, а тоа се општинските комитети, но и мислењето на останатите граѓани. Ќе се даде предност на новите лица, но и ќе има спој и со она што значи искуство и минат труд.

ПРЕС24: Ќе бидете ли Вие носител на листа? Ве прашувам во контекст на онаа изјава за поинаква политика, со принципи и морална вертикала за премиерски кандидат. Дали тој принцип значи да не се биде на лисата за пратеници, или пак неуспех да се направи влада значи кандидатот за премер да се повлече од Парламенот?

МИЦКОСКИ:Централниот Комитет ми даде доверба да бидам идниот кандидат за мандатар за владата. За жал од таквата пракса присутна во напредните Европски земји за таканаречен шпицен кандидат каде однапред се знаат кандидатите за мандатар на партиите Заев ја одбива и бега од идејата, затоа што особено не му се прифаќа вториот дел од предлогот, а тоа е поразениот кандидат за мандатар да си замине од политиката. Очигледно Заев по изборите планира да се крие позади пратеничкиот мандат кој овозможува пратенички имунитет, што само му ги покажува намерите во политиката. Но она што би го истакнал е дека не се плашам да ја превземам одговорноста и напротив за мене е чест да бидам кандидат за мандатар и да ја превземам одговорноста за успехот во сите 6 изборни единици и заедно со луѓето кои ќе ги одбереме да излеземе на избори и ја побараме довербата од граѓаните.

ПРЕС24: Колку сте задоволни од работата на вашите членови во техничката влада?

МИЦКОСКИ:Убеден сум дека го даваат својот максимум, со оглед на околностите во кој работат и постојаните опструкции на власта на кои наидуваат. Треба да се има во предвид дека ова е техничка влада со првенствена улога за организирање на фер и демократски избори и знам дека прават се што е во нивна моќ да ја заштитат волјата на граѓаните. Постојано работат и се концетрирани на крупните работи, а вистинските промени кон подобро следат по изборите.

ПРЕС24: Кои се нивните оценки, има ли услови за фер и демократски избори на 12 април, нивната главна цел во владата е сепак контрола на власта во користењето на државни ресурси за предизборни цели?

МИЦКОСКИ:Има сериозни опструкции и дамки врз изборниот процес. Да беа посветени кон работата колку што се креативни во правењето на опструкции, сигурен сум дека ќе имаше барем малку решени проблеми, а вака ако ги тргнеме постојаните сопки на страна, власта турка сериозна агенда за уништување на институциите преку постојани или привремени вработувања. Последните во Македонски Шуми кои се над 500 на број, стотиците и стотици нови кои се случуваат во ЕЛЕМ, МЕПСО, Царина, Градот Скопје говорат за огромно корумпирање пред изборите, но и извор на нов непотизам кој го прави Заев и власта. Тоа го прават не поради тоа што знаат дека ќе победат, туку затоа што знаат дека ќе загубат, и вака сакаат да го намалат поразот и поради купување на внатрепартиски мир на многубројните незадоволни кон кои не се исполнети ветувањата кои им ги давале за вработување. Тоа е една неуспешна тактика која мене ме загрижува од аспект на исцрпување и уништување на институциите кои не може да го издржат тој наплив на партиски вработувања, а на крајот тоа оди на штета на буџетот. Воедно загрижуваат и манипулациите кои се прават во земјоделието каде сега земаат од другите ставки од буџетот, токму пред избори, потценувајќи ги земјоделците, да исплатат закаснати субвенции кои требаа веќе да ги добијат. Колку само понижувачки однос кој е сраамен за Заев и неговите луѓе. Да не зборам за забележаните притисоци врз администрацијата и постојаните задолжувања за непродуктивни трошења на владата што само говори за присутната нервоза во владините редови. Падот им е извесен, и без и со овие опструкции и нарушувања, апелирам да не се прават понатамошни штети, бидејќи на тој начин ја уништуваат заедничката иднина.

ПРЕС24: Што е проблемот во новиот Закон за Јавно обвинителство, кои се вашите црвени линии од што нема да отстапите? И има ли шанси сепак за договор до распуштањето на Парламентот?

МИЦКОСКИ: Забелешките кои ги имаше ВМРО-ДПМНЕ за овој закон ги потврдија и експертите и целокупната реномирана правна фела. Она што СДСМ сака да го направи од овој закон е да обезбеди контрола врз обвинителството за да си обезбеди неформална амнестија за криминалите за кој ќе одговараат. Нека бидат искрени и да кажат дека законот за обвинителство го носат за амнестија на Заев. Тие сакаат и понатаму да постои една Рускоска која ќе обвинува на повик од Заев, Јовевски кој ќе заштитува и Кацарска која ќе суди. Па токму за неа гледаме како сведочат дека ургирала за предмети, за судијката Дика како има обвинувања дека перела пари и за целокупната останата болумента на Заев во судството која е корумпирана до гуша.  Овој закон на СДСМ е да се продолжи уривањето на правниот систем кој сака да го прави Заев. Е тоа нема да помине. Законот е проитвуставен, во спротивност со кривичниот закон, не обезбедува борба против корупцијата, туку заштита на криминалот, и ќе значи само продолжување на легализираниот криминал на СЈО во формата на ОЈО. Нашите црвени линии се закон кој е во согласност со Уставот, применлив и ќе обезбеди незавинсост на обвинителството и непристрасна борба против криминалот. Ако се на ова подготвени СДСМ може да се изгласа законот веднаш.

ПРЕС24: Корупцијата во државата очигледно останува клучен проблем, барем според извештаите на меѓународните институции. Вие велите дека имате план како да се справите со тој проблем. Како?

МИЦКОСКИ:Преку реформи во судството, овозможување на политичка волја за ослободување на правосудниот систем од канџите на криминалот и политиката. И преку одговорност за сите оние кои се огрешиле спрема законот. И тука ќе бидам немилосрден и целосно подготвен да се оди до самиот крај. Таа борба против корупцијата мора да започне низ сите шалони, од најниско, а уште поважно да се одвива во најгорните ешалони. Мора да воспоставиме правната држава и да се ослободиме од оние карикатури во судството и обвинителството кои им слугуваат на полтичките интереси. Не сакам да бидам премиер кој ќе ги дознава предвреме судските одлуки како Заев само затоа што ги нарачувал. Нарачки нема да поминат. Не сакам моите соработници да се заштитена каста за која нема да важат законите. Одговороста мора да почне од највисоките носители на власта. Разработуваме прецизна стратегија за борба против коруцијата и криминалот. Верувајте тоа ќе биде најсеопфатната акција против престапниците на законот. Потребни се драстични мерки кои ќе овозможат правда која ќе ја донесеме, затоа што е алармантна состојбата. Во текот на овој месец ќе презентираме дел од тие мерки. Во нивната изработка помагаат најреномираните странски и домашни експерти.

ПРЕС24: За крај, не 30, туку пет прашања за Христијан Мицкоски. Кои се првите три работи што Мицкоски ќе ги направи кога ќе влезе во владиниот кабинет?

МИЦКОСКИ:Ќе се откажам од дел од привилегиите кои следуваат со функцијата, ќе предложам на седница на влада мерки за намалување на даноците, нешто чии детали ќе ги објавам во приодов што следи, и ќе предложам акциски план за младите и пензионерите со чии мерки ќе се влијае на подобрување на нивната состојба.

ПРЕС24: Последни три прочитани книги?

МИЦКОСКИ: Немам секогаш време за добра книга, но она што го имам прочитано, а е надвор од стручната литература е Черчил-моќта на зборовите од Гилберт, „Одбројување“ од Фросина Пармаковска и Подземната Република посветена на Даме Груев од професорот Ванчо Горгиев.

ПРЕС24: Гоце Делчев или Тодор Александров?

МИЦКОСКИ:Храброста на Делчев и посветеноста кон делото на Александров.

ПРЕС24: Каде би оделе на продолжен викенд, Атина, Тирана, Приштина, Софија или Белград?

МИЦКОСКИ:Охрид е мојот избор.

ПРЕС24: Има ли Мицкоски духовен отец?

МИЦКОСКИ:Верувам во Бога. Верувам дека треба да правиме добрини и да се почитуваме меѓусебе, затоа дозволете овој дел од мојот живот да го задржам за себе и мојата приватност.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

01.02.2020 - 11:23

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега