Ахмети: Пратениците на СДСМ ни се закануваа - Сите ќе бидете изгорени

 

Со едночасовно обраќање во Школата за меѓународни студии на универзитетот Џонс Хопкинс, лидерот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети го почна тридневниот престој во Вашингтон, во рамките на кои треба да има средби со функционери и советници во Стејт департментот, Секретаријатот за одбрана и Конгресот на САД.

Али Ахмети, кој во Вашингтон допатува придружуван од вицепремиерот Муса Џафери и неговиот шеф на кабинет Артан Груби, беше прашан и за инцидентот во Собранието на 24 декември за што рече дека е дел од проблемите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и вината ја префрли врз опозицискиот Социјал-демократски сојуз на Македонија. Истакна дека настанот го нарушил угледот на Македонија.

- Опозицијата реши да го бојкотира донесувањето на буџетот. Можеби имаа проценка дека со неизгласување на буџетот, тоа ќе ги одложеше локалните избори, и со тоа ќе добијат можност да победат. Јас не се согласував со ова. Дали ние влеговме во замка? Да, мислам дека влеговме. Одговорноста е на власта, и јас сум дел од власта. Но, настанот се преувеличува од опозицијата. Јас имав средби со Бранко Црвенковски, со кого сум соработувал четири години, и многу отворено му реков дека не избрал добар начин да победи на изборите. Црвенковски ја загуби поддршката, стратегијата која сакаше да ја спроведе, за предвремени избори беше многу тешка за спроведување и за добивање победа. Му реков дека ниту теоретски не може да победи на изборите и место тоа му побарав да се фокусираме на спорот за името, кој бара политички и етнички консензус. На крајот, Црвенковски не освои ниту два проценти од општините во Македонија. Ако треба да објаснуваме во детали, да кажеме дека и нашите пратеници беа изложени на психолошки терор, добиваа СМС пораки од пратениците на СДСМ дека треба да го напуштат Собранието, бидејќи во спротивно „сите ќе бидете изгорени“, изјави Ахмети, кој воедно го осуди отстранувањето на новинарите од собраниската сала, велејќи дека и самиот не би знаел како би реагирал во таква ситуација во која имало страв од поголем судир.

Ахмети, во обраќањето во Џонс Хопкинс, даде оптимистично гледање кон Балканот, особено по договорот Србија – Косово, и се заложи за надминување на прашањето за името и комплетирање на евро-атланските интеграции на регионот. Ахмети ги истакна промените постигнати со Охридскиот рамковен договор, за кој рече дека отворени прашања гледа во статусот на албанскиот јазик и потребата од натамошни вработувања на етнички Албанци во јавната администрација, и рече дека во САД е да работи и на подобрување на имиџот на Македонија кон светот.

- Албанија е членка на НАТО и би биле многу среќни доколку почне преговори со Европската Унија, за што е потребно донесувањето на само два закони. Косово треба да биде признаено и да стане членка на Обединетите нации, а по преговорите за укинување на визите да почнат и преговорите за членство во Европската Унија. За Албанците во Македонија, потребно е целосно спроведување на Охридскиот рамковен договор, да бидат рамноправни со Македонците. Денес е времето на конечно помирување меѓу нациите на Балканот, на стогодишнината од почнувањето на крвавите војни на Балканот, кога сите бевме жртви, и Албанците и Македонците и другите. Ако можеа Франција и Германија да ја укинат меѓусебната граница, на места каде што илјадници деца биле убиени во војните меѓу нив, зошто да не можеме и ние? Сум рекол дека, ако сакаме голема Албанија, таа може да ја имаме само во Европската Унија, од Атина до Стокхолм, изјави Ахмети, на прашањето за тоа каде ја гледа иднината на албанската заедница во регионот.

Според лидерот на ДУИ, спорот за името е тежок проблем, прашање за кое тој лично не можел да поверува дека воопшто е поставено, и кое треба да се надмине со компромис на двете страни. Ахмети рече дека има разбирање за ставовите на етничките Македонци.

- Албанците никогаш не го оспорувале идентитетот на своите сограѓани, Македонците. Ние сме единствената нација која не го доведува во прашање идентитетот на нашите сограѓани и соседи. Прашањето за името е пречка за членство во НАТО и за отворање на преговорите со ЕУ. Веруваме дека членството на нашата земја во НАТО е добро не само за нас, туку и за регионот, во кој ќе имаме повеќе инвестиции и стабилност. Ние немаме длабоки разлики со нашиот коалициски партнер околу името, и двете партии сакаме решение и интеграции во НАТО и во Европската Унија, но во исто време треба да сме храбри, да се создаде посигурен живот, мир и стабилност, изјави Ахмети. Во дискусијата за спорот за името, Ахмети се соочи со претставник на грчката Панмакедонска асоцијација во САД, кој настапи со обвинувања за национализам од македонска страна. Ахмети побара поглавјето со спорот да се заврши и оцени дека очекувал повеќе од Грција.

Ахмети ќе се сретне со заменикот помошник државен секретар Филип Рикер, заменикот помошник секретар за одбрана Евелин Фаркас, советници за национална безбедност во кабинетот на потпретседателот Џо Бајден, конгресменот од Њујорк Елиот Енгел кој е ко-претседател на албанската група во Конгресот на САД, и со други американски функционери. На крајот на посетата, предвидено е Ахмети во Њујорк да се сретне со посредникот во спорот за името Метју Нимиц. Во текот на викендот, Ахмети имаше средби со албанските здруженија во Чикаго, каде се сретна со група иселеници од Кичево

најчитано сега