Јани Макрадули: Чист воздух мора да има за сите, тоа е приоритет од кој нема откажување

 Јани Макрадули, заменик министерот за животна средина, кој годинава се најде на првата линија на критиките од опозицијата за загадувањето, вели дека не се откажува од намерата за целосна имплементација на владиниот план за чист воздух. Во интервју за Прес24, тврди дека резултати има и од критичарите очекува активно вклучување во тој процес, а не дневно политичко препукување. 

-Мора да има чист воздух за сите. Тоа претставува приоритет од кој нема и не смее да се откажеме. Аналогно на ова, ветувањата мора да бидат големи. Посакувам и како граѓанин, но и како член на Владата што поскоро да ги видиме позитивните бројки. Или поконкретно да имаме многу повеќе денови обоени во зелено, отколку со црвени вредности од мерните станици за аероквалитет. Само како илустрација и со одредени бројки, имено во Центар наместо број на денови со надминување на среднодневната гранична вредност од 125 (2015 год.) или 137 (2016) имаме 82 денови, во  Карпош од 132 (2016 год.) или 130 (2017) имаме 77 денови над дозволената вредност. Но, тоа не е доволно но зборува секако за трендот, вели Макрадули во интервју за Прес24. 

-Јас сакам да разговарам за мерки и акции, нема многу фајде од гола политика или гола критика. Јас најодговорно тврдам, Планот за чист воздух и акциониот план во него се решение. Таков сличен план дал резултати во Данска, Германија, Норвешка, Англија. Во овој момент сличен план се имплементира во Полска, Словачка, Чешка и Бугарија. Мораме секојдневно да елиминираме што повеќе извори на загадување и нема алтернатива, посочува во интервјуто заменик министерот.

Затоплувањето од домашните извори и начинот на затоплување некои јавни институции се главна причина, за загадувањето вели Макрадули, објаснувајќи го феномент како некои делово од државата, кои важат за еколошки чисти, покажуваат високи параметри на загаденост на мерните станици.

- При тоа, овие анализи се направени од странски и домашни експерти и сите укажуваат на истото, домашното затоплување доминира во создавањето на ПМ честичките. Потоа следува транспортот и на крај индустријата во топ 3 области. И покрај статистиките, моја лична заложба,  како и цел на Владата е да се справиме со буквално сите извори на загадување. И нема да застанеме додека тоа целосно не го оствариме, посочува Макрадули за Прес24.

Тој смета дека во темата загадување доминираат многу лажните вести и шпекулации, а бидејќи се работи за чувствителна тема, некој со шпекулации сака да направи паника и од тоа влече политички поени. Тоа според него се однесува за шпекулативните тврдења за увоз и согорување на отпад во Македонија.

-Нашата држава има пропишано строги стандарди дефинирани во А-интегрираните дозволи што ги добиваат индустриските инсталации вклучително, а се преземаат редовни и вонредни инспекциски контроли на исполнетоста за барањата за заштита на животната средина согласно дозволите и царинските контроли при увоз на одобрените видови на отпад.

Имајќи го предвид фактот дека увозот/извозот и транзитот на отпадот е строго контролирана процедура и дека ниту една пратка на отпад не може да помине на граничен премин без соодветна проверка, граѓаните треба да бидат спокојни, вели Јани Макрадули Заменик министер за животна средина во интервју за Прес24.

ПРЕС24: Изминува една година во која прашањето за загадувањето на воздухот беше едно од централните теми. Вие како заменик министер за животна средни некако бевте на линијата на постојани критики, иако Министерството има министер, но тоа е веројатно друго прашање. Она што сакам на почеток да Ве прашам е за Вашата оценка, ако има анализа, како оваа година е оценета во поглед на загадени денови?

МАКРАДУЛИ: Кога сте дел од политичкиот амбиент, нормално е да има критика, и ние мораме да бидеме подготвени да ги прифаќаме оправданите критики и аргументи. За жал, во оваа, би рекол донкихотовска борба, повеќе имаше непринципилена критика. Како дел од аргументите се даваа слики од други градови или држави, или од претходни години. Но, тоа не помага во заедничката борба, и затоа нема да ме поколебаат, да останам посветен на решавање на ова прашање во овој капацитет што го имам.   

Деновиве сме сведоци на температури и под нулата, па резултати од преземените активности на Владата заедно со граѓаните и бизнис секторот има и во вакви ладни денови, не само во условно потоплите зимски.

Важно да напоменам дека проблемот со аерозагадувањето е далеку од решен, но важно е дека напредуваме и ја менуваме свеста. Дополнително, како што најавивме – битката со загадувачите останува да биде бескомпромисна. Инспекциите на сите нивоа постојано се доекипираат и доопремуваат со постојани активности на терен.

Само како илустрација и со одредени бројки, имено во Центар наместо број на денови со надминување на среднодневната гранична вредност од 125 (2015 год.) или 137 (2016) имаме 82 денови, во  Карпош од 132 (2016 год.) или 130 (2017) имаме 77 денови над дозволената вредност. Но, тоа не е доволно но зборува секако за трендот.

Јас лично, а верувам и дека секој функционер сме свесни дека воздухот кој го дишеме за сите е ист. Доколку е загаден, тој е загаден за сите кои живееме во земјата. Затоа и треба сите заедно и во иднина да дејствуваме.

А, сакам и тука јасно да нагласам. Резултатите се заеднички, а одговорноста ако не успееме е најголема на власта. Од тоа не сум бегал, ниту во иднина ќе се обидам тоа да го негирам. Сакам да поставиме стандарди во одговорноста и мерките за справување со загадувањето на воздухот кои ниедна Влада (предводена од СДСМ или друга политичка партија) нема да може да ги занемари. Напротив, ќе мора да ги следи или направи уште подобри, во спротивно ќе биде изложена на жестока критика од нашите сограѓани. Секако со право!

ПРЕС24: Како контра одговор на Вашите тези многумина ќе речат дека овие зимски денови, кога процентот на штетни честици во воздухот е помал, е резултат на климатските услови?

МАКРАДУЛИ: Времето секако влијае. Но, ќе се сложите дека има влијание и кога е загадено. Сепак сведоци сме сите кога една недела Скопје ја имаше својата добро позната магла, а немавме екстремно загадување. И тоа е најдобар показател дека борбата конечно почна да дава резултати.  

ПРЕС24: Кога се зборува за загадувањето постојано како појдовна точка се мерните станици кои ги регистрираат штетните честици во воздухот. Има многу дилеми во јавноста околу веродостојноста на податоците. Можеме ли да бидеме сигурни дека овие податоци се реалност? 

МАКРАДУЛИ: Нашата национална мрежа која е оформена и функционира на ист принцип како ЕИОНЕТ мрежата на ЕЕА (европската Агенција за животна средина). Тоа значи дека се формирани Национални референтни центри соодветни на темите во ЕЕА, а секој референтен центар има лице за контакт со ЕЕА и  институциите на национално ниво кои доставуваат податоци.

Податоците за квалитет на воздух од ДАМСКВ се преземаат од страна на ЕЕА во скоро реално време од 14 станици, со што нашата земја придонесува во поддршката на ЕЕА во анализата на податоците од Земјите членки и Земјите соработнички, што им овозможува на земјите да донесуваат одлуки засновани на релевантни информации за подобрување на квалитетот на воздухот, интегрирање на еколошките фактори во економските политики и движење кон одржливоста.

Би сакал да нагласам, нема европска држава која гради политика на т.н. Али Експрес сензори, тие се добри за информативност на граѓаните, но заради нивната нестабилност повеќе создаваат паника и затоа сите држави, а и ние користиме високонадежни сензори и инструменти.

ПРЕС24: Вториот аспект е околу одговорноста на институциите. Постојат неколку иницијативи, меѓу нив и на невладини организации околу тоа што е преземени од актуелната власт, а што треба да се преземени како мерки за намалување на загадувањето. Имам чувство како да невладините и институциите разговараат на две сосема различни линии. Ајде да бидеме конкретни, што и како е имплементирано од препораките за намалување на загаденоста?

МАКРАДУЛИ: Јас сакам да разговарам за мерки и акции, нема многу фајде од гола политика или гола критика. Јас најодговорно тврдам, Планот за чист воздух и акциониот план во него се решение. Таков сличен план дал резултати во Данска, Германија, Норвешка, Англија. Во овој момент сличен план се имплементира во Полска, Словачка, Чешка и Бугарија. Мораме секојдневно да елиминираме што повеќе извори на загадување и нема алтернатива. Секако тоа мора да биде дел од комплементарна активност во множеството на акции во делот на инспекции, вложувања во енергетска ефикасност, менаџирањето на отпадот, и енергетската транзиција. Нема подобра алатка од енергетската транзиција, декарбонизацијата, стимулирањето на обновливите извори. Да потсетам, според енергетската заедница Република Северна Македонија е лидер во регионот во енергетските реформи и таа основа мора да се искористи за инвестиции кои покрај заштедата ќе донесат и помалку загадување и полесно справување со климатските промени. 

За таа цел еден од клучните столбови на Планот за чист воздух, покрај подобрувањето на енергетската ефикасност и урбаното зеленило, е активноста за замена на опремата, односно на нееколошки системи за греење пред сè во градинките, основните и средните училишта, здравствените објекти и административни објекти.

Покрај 45 објекти од кои: 12 градинки 29 училишта 4 административни објекти од Планот поддржана  е замената на системот за греење на студентскиот дом Кузман Јосифовски Питу во Скопје, како и замена на системот за греење на ЈЗУ Општа болница во Струмица

Важно е да се нагласи дека овој План покрај еколошката заштита носи и економска заштеда .

И тоа ќе го објаснам со следниот пример:

Еден објект, на пример градинка, троши во една зимска грејна сезона, 16t нафта/екстра лесно масло за греење или тоа повлекува околу 13.074 евра буџетски средства. Сега, грејната сезона ќе чини 3,5 до 4 пати поевтино. Односно во 45 објекти (училиштата и повеќе) наместо за набавка на нафта/екстра лесно масло за греење да се трошат 588.330 евра годишно, ќе бидат потребни 4 пати помалку буџетски средства или околу 150.000 евра, штедиме околу 450.000 евра. Средства кои може да се вложат во нови еколошки проекти.

Додека, 1 објект кој троши 16t нафта/екстра лесно масло за греење емитува 11 kg PM10 годишно. Значи, од 45 објекти во воздухот има 495 килограми PM10 честички помалку годишно.

Дали е ова максимумот? Секако дека не. Но, дали правиме сè што е во рамки на законите и буџетските можности, апсолутно да. Ја користам оваа прилика да ги повикам граѓаните, организациите и компаниите да се обратат до мене и Министерството за секој конкретен предлог, идеја или сугестија која ја имаат. Впрочем, предлози од граѓани или организации и има во планот за лист воздух.

Може да звучи како повторување, но сакам да се запамети. Заедно сме во оваа битка, целта е заедничка и само заеднички можеме во догледно време да ја направиме целата земја еколошка, каде се води грижа за животната средина. Градови и населени места во кои се рециклира отпадот и каде во сите четири годишни времиња може да се дише чист воздух.

Догледно време зависи од нас и зависи од баталење на политичките препукувања на оваа тема.

ПРЕС24: Има ли министерството за екологија јасна анализа кои се главните извори на загадувањето?

МАКРАДУЛИ: Секако, и сите укажуваат на едно. Затоплувањето од домашните извори и начинот на затоплување некои јавни институции се главна причина. При тоа, овие анализи се направени од странски и домашни експерти и сите укажуваат на истото, домашното затоплување доминира во создавањето на ПМ честичките. Потоа следува транспортот и на крај индустријата во топ 3 области. И покрај статистиките, моја лична заложба,  како и цел на Владата е да се справиме со буквално сите извори на загадување. И нема да застанеме додека тоа целосно не го оствариме.

ПРЕС24: Колку во се тоа учество има местоположбата на главниот град?

МАКРАДУЛИ: Положбата на Скопје е во котлина која дополнително влијае на загадувањето. Таквата положба и одговора на температурната инверзија и штетните честички стојат како облак. Но, за да не се сфати како барање алиби, никогаш не се повикувам на овој очигледен феномен и појава, и активностите се исклучиво во справувањето со изворите. 

ПРЕС24: Бројките кои ги покажуваат мерните станици понекогаш даваат чудни параметри, на пример екстремна загаденост во некои градови како Кочани, Берово, на пример во кои нема ниту некаква индустрија ниту голема концентрација на возила. На што се должи тоа?

МАКРАДУЛИ: ПМ честичките се создаваат најмногу од горење на биомаса од страна на домаќинствата, односно горењето на цврсти горива како дрвото и јагленот, што е значаен извор на директно емитирани цврсти честички, затоа иако некое место природно ни личи како чисто, греењето на дрва и тоа како влијае на квалитеот на воздухот.

ПРЕС24: Веројатно сте свесни дека во јавноста има многу сомнежи за некакви тајни процеси на увоз и согорување на отпад во Македонија. Иако многу од тие тези се во домен на шпекулации, сепак како стојат состојбите на терен. Има, или не, увоз на отпад во Македонија?

МАКРАДУЛИ: За жал лажните вести и шпекулации не ја одминаа оваа област, напротив. Бидејќи се работи за чувствителна тема, некој со шпекулации сака да направи паника и од тоа влече политички поени. 

Но, нашата држава има пропишано строги стандарди дефинирани во А-интегрираните дозволи што ги добиваат индустриските инсталации вклучително, а се преземаат редовни и вонредни инспекциски контроли на исполнетоста за барањата за заштита на животната средина согласно дозволите и царинските контроли при увоз на одобрените видови на отпад.

Имајќи го предвид фактот дека увозот/извозот и транзитот на отпадот е строго контролирана процедура и дека ниту една пратка на отпад не може да помине на граничен премин без соодветна проверка, граѓаните треба да бидат спокојни. Тоа е регулирано со Законот за управување со отпад од 2004 година, каде се пропишуваат видовите на отпад, условите за извоз, увоз и транзит на отпад, методите за надзор над извозот, увозот и транзитот на отпадот, како и формата и содржината на образецот на дозволата. Законот ги пропишува процедурите и условите за добивање на дозвола за увоз, извоз и транзит на отпад во/од/низ РСМ во зависност од видот на отпадот, неговото потекло, земјата на прифаќање и маршутата на транспорт и типот на третманот кој ќе се спроведе врз отпадот на местото на прифаќање.

ПРЕС24: Да се вратиме на институционалните механизми за екологија. Ако утре државата треба да го отвори поглавјето со ЕУ за екологија, кои се критичните точки каде би заглавиле?

МАКРАДУЛИ: Секој сектор има свои предизвици, воздух, вода, отпад, природа, климатските промени, секој со свои последици од однесувањето на човекот. Денес како никогаш досега свеста е на највисоко ниво и со тимовите кои ќе работат верувам нема да има критични точки од стручен аспект. Критичен фактор ќе бидат финансиите, ова е област во која за исполнување на стандардите не е доволно само политичка воља и стручно знаење, туку и многу финансиски средства. 

ПРЕС24: Можеби е претенциозно, но логично е кога станува збор за односот кон животната средина да се постави прашањето за тоа дали институциите, граѓаните или партиите се понеодговорни кон ова прашање?

МАКРАДУЛИ: Сите го креираме односот кон животната средина. Ако колективно работиме да се бориме против оваа огромна закана за нашето опкружување, можеби ќе можеме да ги забавиме, па дури и да ги смениме ефектите.

Секој од нас кој загадува на било кој начин е одговорен за последиците. Заедно сме во причините, но и сите заедно во последиците кои ги чувствуваме од негрижата кон животната средина. И тука исклучок нема и не смее да има дали станува збор за јавен функционер, од оваа или онаа етничка заедница или невработен граѓанин.

Но, кога ме прашувате кој е најодговорен за да системот функционира и за да не се дозволува загадување, тогаш одговорот е јасен – тоа се надлежните институции. И никогаш не очекувајте да дадам поразличен одговор. Свесен бев за одговорноста уште кога ја прифатив оваа функција во Министерството за екологија.

Но, какви политичари би биле, ако не преземаме одговорност и не се фаќаме во костец со горливите проблеми кои најмногу ги плашат и тиштат граѓаните. Ако сакаме да бидеме одговорни политичари не само што не треба да се плашиме од критика, туку потребно е постојано да се изложуваме на неа, бидејќи нема друг начин за да работиме подобро, поодговорно и целосно посветено кон граѓаните кои ни го дале мандатот секој ден да ја направиме нашата земја подобро место за живеење.

ПРЕС24: Кога ги спомнувам партиите, прашањето ми е во насока на дневната политика. Опозицијата е гласна кога станува збор за ова прашање, актуелната власт пак исто така беше многу гласна кога беше опозиција,а  реалноста веројатно е многу поразлична од дневно политичките интереси, во смисла на тоа дека оваа тема, ниту се решава преку ноќ, ниту пак во еден, или два мандата?

МАКРАДУЛИ: Ова прашање не се решава од еден човек, еден министер, една Влада. Но факт е дека досега Планот за чист воздух е прв стратешки документ со сопствена програма и буџетска средства, кој е донесена од актуелната Влада на Република Северна Македонија. 

Решеноста и подготвеноста за справување со овој најголем предизвик ја покажуваме и во Планот за 2020 година, каде имаме одредено примери за приоритетни инфраструктурни активности за замена на нееколошките системи за греење во најзагадените општини, согласно Извештаите од Државниот мониторинг систем.

Опозицијата има право и потреба да не критикува. Тоа е здраво и демократско општество. Меѓутоа она што повеќе би сакале граѓаните да видат од една опозиција е како нуди решенија за еколошките проблеми и особено аерозагадувањето. И ова да го прави рамо до рамо со нас, односно со власта.

Не за да ја поделиме одговорноста, туку за да дадеме пример како се работи одговорно и посветено за прашањата кои граѓаните ги сметаат за горливи и приоритетни. Само на тој начин ќе ја вратиме надежта во јавноста дека во нашата земја се живее европски, па дури и ако сакате можеби ќе успееме и младите да ги поколебаме во желбата по секоја цена да се иселат во западните земји. Бидејќи многу статистики укажуваат дека не секогаш приоритет е економската позиција во која се наоѓаат младите, туку квалитетот на живот и општествено-политичките прилики кои дома ги имаме. А, односот власт – опозиција зазема голем дел од овие прилики.

Ако сакаме да ги промениме политиките и пристапот, треба да почнеме од секој од нас како политичари. Да не споменувам дека годинава статистиката бележи ист број на години поминати под власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ со власт предводена од СДСМ. Ако ова не укажува дека одговорноста мора секоја партија да ја понесе преку нудење решенија и искрена соработка, особено во сферата на екологијата, тогаш не знам како поинаку би можеле да се поставиме.

ПРЕС24: Прашањето ми е го чувствувате ли негативниот ефект сега кога сте на власт од преголемите ветувања кои ги имаше СДСМ како опозиција во поглед на „чистиот воздух за сите? 

МАКРАДУЛИ: Напротив, јас не сум поместил ниту педа од се што сме ветувале. За прв пат има реални активности на терен кои се справуваат со изворите на загадување. Нема друг пат освен овој, ако немате печки на дрва, горилници на мазут или јаглен, нема штетни емисии во воздухот. Јас многу искрено и посветено секојдневно се вложувам во борбата за чист воздух. Од самиот почеток бев поборник на интегриран и координиран пристап со секој чинител, јавни и локлани институции, деловен сектор, граѓански организации, самите граѓани. Секој е важен, секој придонесува.  Планот за чист воздух е прв стартешки документ за справување со загадениот воздух. За прв пат ги елиминираме нееколошките извори на затоплување. Овој воздух е заеднички, ист и мора да биде чист. 

Мора да има чист воздух за сите. Тоа претставува приоритет од кој нема и не смее да се откажеме. Аналогно на ова, ветувањата мора да бидат големи. Посакувам и како граѓанин, но и како член на Владата што поскоро да ги видиме позитивните бројки. Или поконкретно да имаме многу повеќе денови обоени во зелено, отколку со црвени вредности од мерните станици за аероквалитет.

Најлесно е да дадеме мали и незначителни ветувања за подобрување, но тоа не е она што граѓаните го очекуваат од нас во сферата на екологијата. Единствено што посакувам е темата со аерозагадувањето повеќе да не биде дневнополитичка тема, туку општествена тема која се базира на натпревар на идеи, знаење, концепти и пред сè многу резултати.

Мислам дека веќе можеме да го постигнеме ова, бидејќи веќе 2 и пол години имаме Влада која не го игнорира или крие проблемот со загадениот воздух. Напротив се обидува заедно со граѓаните и бизнис заедницата да ја промени лошата слика во оваа сфера. 

ПРЕС24: Во истиот контекст е и најавата на сегашната опозиција за некаква милјарада во инвестиции за еколошко прочистување на Македонија?

МАКРАДУЛИ: Малку е несериозно да се расфрламе со пари, а да нема никаков предлог во кои проекти би се насочиле истите. Како што немало ниту еден предлог во изминатите 11, нема ниту во последните 2.5 години. Ниту еден предлог што спречува загадување. Камо среќа да не се купеа автобуси што загадуваат, да не се изградија стотици згради кои го запреа провевот. Подруго ќе беше без увезениот автомобилски крш, сè уште ги гледаме штетните политики со партиската бесправна сеча на дрвата. Барем да направеа зелен кров на белата палата. Но, нема барање алиби, проблемот е тука и треба одговорно да се решава, затоа јас и сега ќе повикам на заедничка координирана акција. Проблемите во животната средина не се решаваат со популизам или со расфрлање на пари што не постојат.

Треба да бидеме сериозни бидејќи темата со загаденоста на воздухот одамна не им е смешна на граѓаните, ниту интересна за ветувања и партиски кавги. Имаше прекланската зима еден твит кој отприлика гласеше вака: Ако продолжат СДСМ и ВМРО продолжат секој ден да се препукуваат за тоа кој е крив за загадениот воздух, може од струењето на големиот број соопштенија воздухот сам ќе се исчисти.

Мислам дека со ова сè беше кажано. Ние пораката ја примивме. Се надевам дека конечно и опозицијата ќе го сфати истото и наместо нереални ветувања, ќе ја прифати подадената рака и ќе седне заедно со нас, граѓаните и бизнис секторот во големата коалиција која има за цел да се справи со овој голем проблем во најкус можен период!

ПРЕС24: И како прашање за крај. Како ја оценувате 2019 година низ политичка призма, и кои се Вашите очекувања за следната 2020 година?

МАКРАДУЛИ: Како долгогодишен политичар и сведок на многу настани, најодговорно тврдам овие две и пол години се посупешни од претходните 11, по сите параметри. 

2019 ќе остане симбол на успешна година од интегративен аспект, а следната 2020 на исклучително стабилната економска платформа која се создаде, очекувам надградба и економски раст.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

31.12.2019 - 08:24

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега