Санадер призна: Заработив 400.000 евра со продавање еротски фотографии

 Хрватскиот политичар Иво Санадер, денеска на суд се обиде да ги отфрли обвиненијата за присвојување на два милиона евра во предметот „Фими медиа“, тврдејќи дека за цели 13 години што ги минал живеејќи и работејќи во Австрија заработил приближно два милиона евра, соопшти агенцијата Хина.

Санадер го почна своето сведочење од 1976 година, кога како студент испраќал репортажи од олимписките игри во Инсбрук за весникот „Спортске новости“,а добивал хонорари и од австрискиот скијачки сојуз.

Според Санадер, во Австрија тој го претставувал и фотографот Иво Перван, со кого хонорарите ги делеле на половина. Подоцна, како претставник на фирмата „Mеyеr press“ за источниот пазар, каде меѓу другото продавал и еротски фотографии, заработил меѓу 350 и 400.000 евра, и дури сериозно размислувал да ја откупи фирмата од семејството на сопственикот, кој починал кон крајот на 80-те години.

Освен тоа, во 1986 година тој во Австрија ја отворил фирмата „Wapagg“, што се занимавала со увоз-извоз. Фирмата имала петмина содружници, а Санадер бил претседател на управниот совет, за што добивал 14 плати годишно, или 175.000 евра за две години, плус 300.000 евра од заработката на фирмата.

-Кога Фрањо Туѓман ме повика да дојдам во Хрватска, го продадов својот дел на еден од содружниците и од тоа, како и од проектот во Турција заработив уште 300.000 евра, изајвил Санадер во судот.

Паралелно со тоа тој имал и фирма, регистрирана на неговата домашна адреса, преку која заедно со својот дедо Иво Шариќ заработил 150.000 евра од проекти во областа на преработката на отпадоци, вода и алуминиум во Хрватска и Босна и Херцеговина.

Покренати се шест обвиненија против Иво Санадер за злоупотреби со службената положба и корупција, а за едно веќе е осудена на 10 годишна затворска казна.

Во предметот „Фими медиа“ тој и уште неколку високо позиционирани претставници на сега опозициската партија „Хрватска демократска заедница“ (ХДЗ) се обвинети дека со посредништво на приватната маркетинг агенција „Фими медиа“ од државни фирми и институции во периодот од 2003 до 2009 година прелеале околу 10 милиони евра. Според обвинението, околу четири милиони евра завршиле во црната каса на ХДЗ, а околу два милиона евра присвоил Санадер

15.10.2013 - 16:10

најчитано сега