Уживајте во звуците на џезот - започнува 32. Скопски џез фестивал

Британско-словенечкиот тандем Еван Паркер/Златко Каучич и Британците Гет д’ Блесинг оваа година ќе го отворат 32. Скопски џез фестивал.

Директорот на фестивалот,  Оливер Белопета, на прес-конференција истакна дека во текот на фестивалот кој ќе трае од четврток се до 21 октомври, е предвидена богата музичка програма.

- Првите два дена ќе се одржат во салонот на Македонската опера и балет. Првата вечер е посветена на британскиот џез и е поврзан со 20-годишнината од македонско-британското пријателство. За таа цел првпат доаѓа еден од најистакантите современи џезери во светот, саксофонистот Еван Паркер, кој ќе настапи со словенечкиот интернационалец Златко Каучич. Втората група е Гет д’ Блесинг, која последните години беше неколку пати прогласувана за најдобра во Англија и и припаѓа на помладата англиска генерација, појасни Белопета.

Втората вечер ќе ја отвори дуетот Сидсел Ендресен и Стиан Вестерхаус од Норвешка, а потоа следува американскиот квартет Аберкромби, додека во сабота во Универзална сала ќе биде балканската премиера на проектот „Балкан фивер“ со Влатко Стефановски, Мирослав Тадиќ и Теодосиј Спасов кои ќе настапат со Македонската филхармонија под водство на австрискиот диригент Кристијан Јарви. Во недела, ќе гостуваат џез-иконата Роско Мичел со своето трио и легендарната џез-пејачка Касандра Вилсон со бендот Хариет Тубман, а последната вечер е резервирана за парискиот трубач со либанско потекло Ибрахим Малуф и англискиот басист Дејв Холанд.

- Иако Македонија не е толку развиена со масовна џез култура и публика колку Европа, наша цел е да се покажеме во светот, така и ја стекнавме нашата репутација. Во овие пет фестивалски дена публиката да заборави на проблемите што ги имаат и да се почувствува дека се наоѓа во Лондон, Париз,..., подвлече Белопета.

Доколку сакате да бидете дел од фестивалот побрзајте да си купите карта на едно од продажните места  Југотон рекордс, Пола Југотон, МОБ, Универзална сала и на www.kupikartizase.com, по цена од 300 до 800 денари.

15.10.2013 - 15:49
Фото: 
Нетпрес

најчитано сега