Мозокот на вооружениот напад во Најроби се крие во Сомалија

Терористката  Саманта Лутвеит, позната како „Белата вдовица“ се крие во оддалечените реони на Сомалија, заедно со други членови на терористичката група Ал Шабаб.

Весниците во Лондон пишуваат дека одметната Британка, по која има меѓународна потерница, самата ја откри својата локација, откако на Твитер напиша дека патува кон еден град во Сомалија, кој е далеку на периферијата од оваа просторна, но ретко населена земја на Рогот од Африка.

На социјалната мрежа, Лутвеит напишала дека се загубила низ пустите и празни реони на земјата, движејќи се кон планинсиот масив Галагала. Локацијата што таа ја има опишано се наоѓа близу до градот Бари.

Групата Ал Шабаб, која е поврзана со мрежата на Ал Каеда, ја презеде одговорноста за нападот, тврдејќи дека тој е изведен како знак на одмазда за учеството на кениските трупи во операциите против исламистичките терористи во Сомалија.

29 - годишната Саманта Лутвеит е поранешна сопруга и вдовица на Џермеин Линдзи, еден од четворицата бомбаши самоубијци кои на 7 јули 2005 извршија терористички напади врз лондонската подземна железница и еден градски автобус, убивајќи 52 лица.

15.10.2013 - 15:38

најчитано сега