За прв пат извршени операции на дланка во Македонија
На Клиниката за ортопедски болести во Скопје за првпат се изведени операции на дланка на пет пациенти. Станува збор за операции извршени од страна на турскиот хирург Булент Озџелик и тим македонски лекари.
- Првпат се изведени коскени операции. Доктор Булент ја донесе и целокупната опрема за да направиме артроскопско шиење на скинати лигаменти. Направивме нови типови коскени операции, со тоа што гаранцијата после тоа е да имаат живот без болка, рече на денешната прес-конференција Синоличка Џамбазова, хирург од Клиниката за ортопедски болести и дел од тимот што престојуваше во Турција.
Според Џамбазова, во Македонија нема хирурзи за рака и особена важна поддршката од Министерството за здравство затоа што колегите од Турција биле безрезервно подготвени да помогнат во иднина за таква хирургија во Македонија. - Особено за микрохирургија постојат специјални курсеви. Докторот вети дека ќе бидам дел од курсот во март и потоа ќе може се разбира со обезбедување соодветен микроскоп со помош на Министерството да можеме да работиме и најтешки операции. Тоа значи реинплантација на ампутиран дел од екстермитети. Имаме многу трауми. И сега има пациенти што чекаат, рече Џамбазова.
Министерот за здравство Никола Тодоров, денеска укажа дека со интервенциите не само што се заштедени повеќе од 100 илјади евра, туку на пациентите им е овозможена нормална функција и живот без болка.
- Среќен сум што оваа интервенција се прави првпат во Македонија, но и што има силен ентузијазам од доктор Синоличка Џамбазова да продолжи со едукацијата и да се воведе оваа метода во Македонија, што недостасува и за што има сериозна потреба, рече Тодоров.
Инаку, турскиот хирург во Македонија е во рамки на соработката меѓу Македонија и на Турција во областа на здравството.