СДСМ: Владата оствари тесно-партиски интереси зад параванот на социјални вработувања во Македонски шуми
Господине премиер Груевски и министре Ставрески,
Во Македонски шуми, зад параванот на социјални вработувања, остваривте, ама тесно-партиски интереси. Тажно и срамно! Поигрувајќи се со надежта на најранливата категорија граѓани. Социјалните случаи!
Ако биле манипулација тврдењата дека сте вработиле луѓе исклучиво блиски до ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ бара јавни одговори од вас:
Како меѓу вработените од Гостивар, во групата, внимавајте, на самохрани родители, е вработен член на ВМРО-ДПМНЕ, кој има сопруга? Сопственичка на фризерски салон. А и тој самиот има приватна фирма?
Како, според нашите податоци од теренот, од Свети Николе се вработени 21-но лице, сите до еден поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ?
Како од Карбинци е вработено лице кое веќе работи во конфекција, кој има сопруга, која исто така зема плата од работа во конфекција? Со нив живее и мајка му која прима пензија, а поседуваат и сопствен автомобил? Или, од истата општина, е вработен човек кој живее со мајка пензионерка, работат ниви, имаат стан во Штип и автомобил? И сите се членови на ВМРО-ДПМНЕ?!
Како од двете вработувања во Вевчани и двете се членки на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ? Едната и претходно вработувана со договори за дело во јавни претпријатија за партиски заслуги?
Како од 44-рицатата примени од Охрид, во Македонски шуми, 9-мина воопшто не постојат? Исто како што меѓу 30-темина примени од Струмица, дури 12 НЕ ПОСТОЈАТ? Воопшто не постојат нивните имиња!
Веќе соопштивме за партиски вработувања во Струмица, Кичево, Делчево и Гевгелија. Имаме уште податоци за вакви примери и во други делови од земјата.
Вака ли остварувате премиере Груевски и министре Ставрески?
Со поигрување со социјалата, на која што целата надеж и беше во телевизорите и вашето ЛОТО ШОУ? Од кое извлековте мнозинство среќници, ама најмалку социјалци?
Бројката од пријавените 23 илјади граѓани за вработувањата во Македонски шуми покажува дека власта на ВМРО-ДПМНЕ продуцира сиромаштија, која е и предмет на манипулации на истата оваа власт.
Почитувани,
СДСМ ја повика Владата да ги објави рангирањата на сите 23 илјади пријавени кандидати, вклучувајќи ги и 1600-те вработени, но тоа до овој момент не се случи.
Aко не се достапни базите на податоци, како ќе се знае дека навистина се вработени 1600-тини лица?
Бараме одговор од Груевски и Ставрески. Што криете? Дополнителни манипулации со најранливата категорија граѓани?
Со необјавувањето на ранг листата, на луѓето кои не добиле работа, а се вистински социјални случаи, одземено им е правото на приговор. Врз основа на која споредба на податоци тие ќе ја основаат својата жалба? Или тоа е вашата цел?
СДСМ бара Владата веднаш да престане со потценувањата и поигрувањата со сопствениот народ.
Ако е се чисто во Конкурсот за Македонски шуми, нема од што да стравуваат.
Како што тврдат дека јавно во телевизиското ЛОТО ШОУ доделиле 1600-тини вработувања, така јавно треба да ги објават бодувањата и ранг листата.
Господа, тоа е ваша должност!
Интегрален текст од прес-конференција на СДСМ.