„Кога животот ќе заврши подари живот“ - започна акцијата за важноста на донирањето органи
Започна акцијата под мотото „Кога животот ќе заврши подари живот“, чиј почеток денеска на прес-конференција го најавија Лекарската комора на Македонија и невладината организација Мактрансплант.
На прес-конференцијата беше посочено дека лекари-специјалисти од Клиниката за нефрологија ќе одржат шест предавања на матичните лекари на кои ќе ги информираат за новиот Закон за трансплантација на органи и ткива, како и за тоа како тие може да помогнат во едукација на населението на оваа тема.
Претседателот на Лекарската комора, Кочо Чакаларовски рече дека Македонија ќе ги користи најсовремените начини за докажување мозочна смрт, односно прекин на циркулацијата во кората. - Штом нема циркулација има мртва кора, мртов мозок. Само прашање е на време, час или ден два кога ќе настапи и цела смрт. Семејствата треба да знаат дека мозочната смрт на нивниот близок е исто што и смрт. Во Македонија има многу современ Закон за трансплантација на органи. Последната измена и дополнување овозможува да се користат органите од кадаверични донори доколку не постоело противење за истиот акт, посочи Чакаларовски.
Според Законот за трансплантација на органи и ткива, освен од жив дарител кој може да донира бубрег, коскена срцевина, дел од црн дроб, како донор на органи може да се јави и лице кое се наоѓа во состојба на мозочна смрт (кадаверична трансплантација). Законот предвидува сите државјани на Република Македонија да влегуваат во втората категорија, а последниот збор за тоа дали ќе се донираат органите да го има семејството.
Во Македонија засега годишно се прават педесетина трансплантации на бубрези и тоа како донор се јавува некој близок роднина на пациентот.