Беџети: Судот ќе одлучи што е во интерес на јавноста
Денеска министерот за правда на Македонија, Блерим Беџети, во интервју за Радио Слободна Европа, истакна дека судот ќе одлучи што е во интерес на јавноста за случајот Шпион.
Во интервјуто македонскиот министер за правда во однос на случајот Ликвидација во кој е притворен и новинарот на Нова Македонија, Томислав Кежаровски, вели дека во случајот Кежаровски не се работи за слобода на мисла, на говор итн, туку се работи за конкретен случај, кој исто така е чувствителен: - Никој во државава не треба да пристапува спротивно од законите, ниту функционер, ниту новинар, писател итн. Да беше за слободата на мисла, на говор, тогаш тоа ќе беше сосема поинаку, но имајќи предвид дека пред извесно време ние пристапивме кон декриминализацијата, нема потреба од дебатирање. Сите знаеме дека се работи за сосема друг случај, доста чувствителен, во кој се обвинети повеќе лица, изјави Беџети за Радио Слободна Европа.
Во однос на иницијативите за ослободување на кежаровски, Беџети вели дека ако се почне со таква солидаризација, новинарите за новинарот, судиите за судијата, адвокатите за адвокатот, ќе се прати порака за рушење на правниот поредок на државата, па затоа според него најдобар начин е правото треба да биде задоволено преку законска постапка.
Исто така околу тврдењата дека министерот за здравство на Македонија, Никола Тодоров вршел притисок врз судот за определена одлука, Беџети вели дека не ја гледа спрегата министерот за здравство може да врши притисок врз судството.
Исто така, во однос на мерката притвор, Беџети вели дека во државава се изрекува само во околу 5 проценти од случаите и нема аргументација да се каже дека е пречеста.
Министерот за правда и оваа година очекува позитивни оценки за правосудството во Македонија во извештајот на Европската комисија.