Мицкоски: Коалицијата „За подобра Македонија“ ќе се преименува во „Коалиција за обнова на Македонија“
На вечeрашната средба на коалициските партнери им предложив, а тие едногласно прифатија Kоалицијата „За подобра Македонија“ да се преименува во коалиција „За обнова на Македонија“ и немаше забелешки за датумот на предвремените парламентарни избори, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
-На Македонија и е потребна обнова после овој арамилак што и се случува веќе трета година по ред. Ветуваме многу работа и расчистување со сите криминали кои се провлекуваа во минатото и расчистување со арамилукот што со години го следи македонското општество. Ветуваме реформи во многу сегменти, меѓу кои враќање на владеењето на правото, бескомпромисна борба и нула толеранција за криминалот и корупцијата, а потоа економски бум и Македонија технолошки тигар на Балканот, изјави Мицкоски пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој нагласи дека тоа практично ќе бидат столбовите на кои ќе се темели новата предизборна кампања на Коалицијата „За обнова на Македонија“ и додаде дека на состанокот ги информирал коалициските партнери за темите за кои се разговарало на лидерската средба кај претседателот Стево Пендаровски.
Одговарајќи на прашање рече дека има комуникација и со други политички партии да се приклучат на коалицијата, а некои од нив, како што кажа, ги видел вчера во друштво на Зоран Заев. Се разговара, потврди, и со албански политички партии, но се уште нема дефинитивен заклучок дали ќе има предизборна или постизборна коалиција со нив.
Во врска со анкетите што излегуваат деновиве за рејтингот на партиите, Мицкоски рече дека ВМРО-ДПМНЕ води со над 100.000 гласа што е многу поразлично од она што тврди Заев дека СДСМ е во предност.
-Вистината е многу поразлична од она што го кажа Заев вчера. Ние водиме со повеќе од 100.000 гласа, но тоа не е доволно. Ние не се бориме за обична победа на овие избори, туку за победа со поголем легимитет за да имаме стабилна влада и стабилно мнозинство кое ќе превенира од каков било политички инженеринг, потенцира Мицкоски.
За сите нас, додаде, ќе биде предизвик да ги мотивираме граѓаните да излезат во што е можно поголем број. Во вториот дел на средбата, која продолжува вечерва, посочи, ќе разговараат за други теми за кои ќе покажат интерес коалициските партнери.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа