Еве во чии раце отиде наградата „11 Октомври"

Денеска во македонското Собрание беше доделена наградата „11 Октомври“ за животно дело за 2013 година на проф. д-р Срѓан Керим, економист и дипломат-во областа на науката и образованието, на проф. м-р Решат Амети, ликовен уметник-во областа на културата и уметноста и на новинарот и публицистот Драгослав Аргировски-во областа на новинарството и публицистиката.

Наградите им ги врачи проф.д-р Никола Јанкуловски, член на Одборот за доделување на високото признание за оваа година и декан на Медицинскиот факултет во Скопје.

- За секој научник и творец оваа награда е високо признание за нивниот труд и постигнатите резултати, но истовремено тоа е и дополнителен поттик и мотив за понатамошна работа, додаде Јанкуловски.

По врачувањето на наградата Керим истакна дека таа не е само нешто што го чувствува како лично признание, туку како признание за сите оние што во општеството се посветуваат на образованието и науката: - Во таа смисла тоа е едно од главните орудија што ги имаме со кои располагаме како држава, како општество и треба максимално да ги користиме. Оваа награда е само еден симболичен израз дека тоа е област која заслужува да има приоритет во развојот на нашата држава и општество, посочи Керим.

Ликовниот уметник Решат Амети истакна дека честопати кажал дека Македонија има големи капацитети што се однесуваат на културен план, а посебно на ликовен план.

- Денес ми е чест дека ова признание е признание и за другите уметници. Да бидам искрен, ова е прекрасно чувство. Се надевам дека ликовните уметници имаат верба во тоа што го работат како што јас сум имал верба и ќе имам и понатаму. Ова признание исто така значи дека општеството сепак знае да ги признае вредностите и ги стимулира. Ова за мене е исто така и стимул за понатаму уште со поголеми уметнички сили да ја претставиме државата со ликовни квалитети и со културни вредности, истакна Амети.

Драгослав  Аргировски, новинар и публицист истакна дека е среќен и радосен што една таква висока државна награда дошла во новинарски раце.

- Сепак е тоа признание за една 50-годишна активност и афирмација на се она што во Република Македонија било, е и ќе биде. Дури и нашиот Срѓан Керим прекрасно истакна „се може да се направи во државата, ако нема афирмација на тоа, ако не постои информации, ако нема благовремена информација за тоа нема ништо“, рече Аргировски.

11.10.2013 - 14:56
Фото: 
Денешен

најчитано сега