Македонија доби уште еден пријател
Републиканскиот конгресмен од Флорида Треј Радел е 21-ви член на групата на пријатели на Македонија во Конгресот на САД. Тој вчера најави дека ќе влезе во таканаречениот македонски кокус, на средба со Обединетата македонска дијаспора во Вашингтон.
Неговата изборна единица ги покрива Форт Мајерс и Нејплс, каде Македонија го именува бизнисменот Лу Влашо за почесен конзул, кој придонел за приклучување на конгресменот Радел кон македонската група во Конгресот.
- Бидејќи македонската заедница во Флорида расте, особено во Нејплс, конгресменот Радел ќе овозможи гласовите на овие американски Македонци да бидат претставени во политичкиот врв во Вашингтон. Во пресрет на самитот на НАТО во 2014 година, македонското членство во НАТО и проширувањето на НАТО во целина, треба да се вратат на листата на приоритетите на американската администрација кон Балканот, вели претседателот на ОМД Методија Колоски.
Радел е е поранешен ТВ новинар и конзервативен радиоводител кој сега е член на влијателната Комисија за надворешни работи на Претставничкиот дом на Конгресот. Пред да биде избран за конгресмен Радел водел компанија за односи со јавноста.