МОН ќе субвенционира 179 научни трудови
Министерството за образование и наука на Македонија ќе субвенционира 179 научни трудови од македонски автори. Главен критериум е трудовите да биле објавени во научно списание со фактор на влијание во 2012 година, информираше денеска министерот за образование и наука, Спиро Ристовски.
- По области, прифатените апликации се однесуваат на 50 трудови од природно-математичките науки, 50 од техничко-технолошките, 24 од медицинските науки и здравството, 39 од биотехничките, 12 од општествените и четири труда од хуманистичките науки. За оваа намена во буџетот на МОН обезбедени се потребните средства од околу 5,5 милиони денари, рече Ристовски соопштувајќи ги на прес-конференција резултатите од конкурсот.
Министерот очекува уште поголем одѕив за конкурсот за 2013 година, кој е во тек и ќе трае до јуни идната година.
Инаку, станува збор за субвенција вредна 30.000 денари.