ВМРО-ДПМНЕ: Недомаќинското работење на Дамјановски го донесе и ЈП Куманово Паркинг пред банкрот

Маките на кумановчани со недомаќинското работење на Дамјановски продолжуваат. Лошото раководење со општината од страна на СДСМ и Градоначалникот Зоран Дамјановски го однесе пред банкрот и ЈП Куманово Паркинг. Додека во сите општини претпријатијата за паркинзи се профитабилни и се значајни за општините, ЈП Куманово Паркинг тоне во големи долгови и е пред банкрот. Долгогодишното уништување на јавните претпријатија како ЈП Куманово ГАС, ЈП Водовод Куманово, ЈП Куманово Паркинг е резултат на лошото водење на општината од страна на СДСМ и Зоран Дамјановски.

            Јавното Претпријатие Куманово Паркинг е пред банкрот. Куманово Паркинг има акумулирани загуби од 16 583 661 денари и тековни обврски од 28 864 000 денари. Од тековните обврски 24 000 000 денари се долгови кон добавувачи, а 4 864 000 денари се краткорочни обврски. Значи вкупниот долг на претпријатието, кој за жал се повеќе се зголемува, изнесува 45 447 661 денари.

            За жал ЈП Куманово Паркинг е единственото претпријатие за јавни паркинзи во светот кое трпи огромни загуби.

            Уште една потврда дека претпријатието е пред банкрот е тоа што вработените веќе четири месеци немаат земено плата. Нема ли грам совест Градоначалникот и менаџерскиот тим на ЈП Куманово Паркинг за овие луѓе кои чесно си ја работат работата?

            Дека недомаќински се раководи претпријатието говори и последната одлука на Управниот Одбор заедно со новиот директор на ЈП Куманово Паркинг да се направи ревизија на работењето на претходниот директор, под сомневање дека се прикриваат долгови. Повторно главната одговорност ја носат кадрите на СДСМ и Градоначалникот Зоран Дамјановски.

            Да напоменеме дека и покрај огромните загуби кои ги претрпува претпријатието, Советниците на СДСМ и Градоначалникот Зоран Дамјановски донесоа одлука на седница на Советот да пренаменат 4 000 000 денари од јавното осветлување кое е под ЈП Куманово Паркинг, за зголемување на основачкиот влог на ЈП Куманово Гас кое исто така е во огромни долгови. Како што рековме и вчера, од шупливо во празно и пак двете претпријатија во огромни долгови и загуби.

 

            Куманово е пред целосен колапс, јавните претпријатија се пред банкрот и во огромни долгови, вработените не земаат плати по неколку месеци. СДСМ и Зоран Дамјановски треба да понесат одговорност пред граѓаните на Куманово за ваквото недомаќинско и шарлатанско водење на општината. Кумановчани не го заслужуваат ваквото расипничко работење на СДСМ.

Интегрален текст од прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ.

09.10.2013 - 13:35

најчитано сега